Академијата на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста" го доделува признанието за животно дело на музичката легенда Драган Мијалковски.
Мијалковски оваа година одбележува пет и пол децении на музичката сцена. Неговата музичка кариера започнала на аудиција „Бараме млади таленти" во 1969, кога ден по успешниот настап ја направил првата радио-снимка. Со своите песни трајно ја одбележа домашната забавна музика, а како поп-пејач имаше респектирано место и на екс-ју сцената.
Најголема популарност достигна во 70-ите и 80-ите години, кога соработуваше со врвните екс-ју композитори како Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Славе Димитров, Александар Ацо Кораќ, Зденко Руњиќ, со чии песни учествуваше на бројните музички фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје....
Отпеа многу хитови, меѓу кои се и неколку класици во антологијата на македонската забавна музика. Неговата голема популарност во 70-ите и 80-ите може слободно да се оцени како далечен предок на современата многу раширена „селебрити култура" со с.
Добитникот на наградата за животно дело ќе настапи на 27. „Златна бубамара на популарноста" со голем ревијски оркестар во живо, изведувајќи колаж од неговите најопуларни рефрени. Во топ-пејачка форма на своите 74 години, Мијалковски со настапот на „Златна бубамара на популарноста" се претставува како своевиден Синатра на домашната музика.
27-то издание на „Златната бубамара на популарноста" ќе се одржи на 22.02. со почеток во 20 часот во арената „Борис Трајковски".
Бубамара најавува дека за сите посетители ќе има колективно фотографирање за пасош и лична карта , што е причина повеќе добро расположение кај сите среќници кои ќе бидат дел од најпосакуваниот културен настан во Македонија.
Билетите се во продажба он-лајн преку сервисите на karti.com.mk и mktickets.mk или во цвеќарницата „Розе Веро 2".