разговор со Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт

Зошто од мноштвото производи луѓето масовно купуваа токму тоалетна хартија?

13 април 2020

Со Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, член на Европската Асоцијација за Психотерапија, дел од здружението за психологија и психотерапија - „Психотерапика", неодамна разговаравме за актуелната состојба на социјална изолација и што таа носи. Во првиот дел од разговорот, се фокусиравме на тоа како новото секојдневие се рефлектира врз семејните односи, а еден од заклучоците беше дека „Ретко кога животот ни дава можност да бидеме толку долго време заедно со своите сакани“ и дека би било идеално ова време да го искористиме на најквалитетен можен начин.

Во вториот дел од разговорот, се издвои темата, која се наметна на глобално ниво, не само кај нас, а тоа е масовното купување тоалетна хартија. Маринчек се обиде од психолошки аслект да објасни што тоа значи, а се осврнавме и на тоа кого најмногу може да го погоди социјалната изолација, како и која е поуката што треба да ја извлечеме од моментот што сега го живееме.

Ивана Маринчек; фото: Виктор Михајловиќ

Целиот разговор во продолжение:

Бевме сведоци на компулсивно купување тоалетна хартија, не само кај нас, туку на глобално ниво, што веројатно ја претставува потребата на човекот да ги има нештата под контрола, со што би го намалил стравот. Но, зошто токму овој производ, имате ли можеби некое објаснување од стручна гледна точка?

-Феноменот на масовно купување на тоалетна хартија кој се случи и глобално, а и кај нас, беше навистина интересен психолошки феномен за набљудување. Зошто токму тој производ? Веројатно затоа што тоалетната хартија за многумина е еден од основните хигиенски производи на чија употреба сме навикнати уште од најраното детство. Истата ни овозможува со неа да отстраниме нешто од себе кое инаку го поистоветуваме со голема нечистотија и мноштво на бактерии и други потенциално опасни микроорганизми. Бидејки е производ за една употреба таа исто така ни пружа чувство дека после нејзиното користење сме се решиле од нечистотијата и потенцијалната зараза кои остануваат таму некаде далеку од нас во корпата за отпадоци или одводот на тоалетот. Во овој период поради опасноста од зараза многу се потенцираше важноста на одржувањето на добрата хигиена, што за некои луѓе автоматски значеше и одавање на поголема важност на некои производи за одржување на хигиена.

Од друга страна, кога одреден број на луѓе посегна по тоалетната хартија и почна масовно да ја купуваат, истата за брзо време почна да станува дефицитарен производ по маркетите. Поради нејзиниот волумен тоалетната хартија во маркетите се чува и изложува во одреден број на пакувања, како што е во суштина и со секој друг производ, но поради својата големина многу полесно ќе го забележите полу празниот рафт со тоалетна хартија, отколку што ќе го забележите полупразниот рафт со сапуни. Сето ова потоа влијаеше и на другите кои почнаа да се приклучуваат кон зголеменото купување на тоалетна хартија бидејки забележаа дека истата почна да ја снемува. Истотака, информациите и видео прилозите кои кружеа по интернет и на кои можеше да се забележи како тоалетната хартија просто исчезнува од маркетите околу светот дополнително го поттикнаа стравот и ова импулсивно однесување.

Дали паничното купување е посвојствено само за паничарите, или се работи за колективна состојба?

-Повеќе би рекла дека стануваше збор за феномен на домино ефект. Паничното купување кое се јави на почетокот беше резултат на неизвесноста, несигурноста и стравот со кои бевме соочени поради настанувањето на ненадејната промена. Кај многу лица ова предизвика силна потреба да направат нешто за да се обезбедат и заштитат, а оваа потреба потоа се претвори во импулсивно однесување. Ваквото однесување, придружено со сведоштвото дека производите просто ги снемуваше од рафтовите на маркетите предизвика дополнителна тревожност кај останатите, кои потоа побрзаа да купат пред нешто да снема. Сето ова креираше еден ланец на тревожни реакции кај луѓето кои потоа само се надоврзуваа една на друга.

Според вас, поголем е стравот од вирусот, како нешто непознато или оној дека ги немаме работите под контрола?

-Стравот од непознатото и стравот од губењето на контролата се поврзани. Ако нешто ми е непознато, не можам да го предвидам, не можам да се подготвам за истото, односно не можам да го контролирам. Основата на овој страв е тоа што непознатоста носи неизвесност дали ќе успеам да се справам со тоа непознатото и со сите нешта со кои тоа може да ме соочи. Не можам да се позиционирам и да имам целосна контрола над нешто кое е непознато и поради тоа е и целосно непредвидливо. Токму тој страв кој доаѓа од таа непредвидливост ја раѓа потребата да се обезбедиме за сите можни сценарија кои ќе ни паднат на памет. Ова истото беше јасно видливо во масовното купување кое се појави на почетокот, кога луѓето почнаа да купуваат се и сешто, и тоа што им треба и тоа што не им треба, под изговорот "нека има, да се најде, не дај Боже да ни затреба".

На кого периодот на изолација ќе му падне најтешко?

-Зголемената тревожност на која сме изложени поради актуелната ситуација е тешка за сите. Се разбира секој е на различен начин и во различен степен допрен од истата, па со тоа и реакциите се различни. Сосема е нормално и очекувано актуелната состојба да ја зголеми анксиозната симптоматологија кај лицата кои и предходно се соочувале со зголемен степен на анксиозност, депресевната симптоматологија кај лицата кои предходно се соочувале со депресивност, како и психосоматската симптоматологија кај лицата кои се склони да психосоматизираат.

Периодот на изолација и затвореност неминовно не соочува со самите себе си и може да почне да ни ги вади на површината сите наши содржини кои предходно останувале под прагот на свесното: нашите стравови, нашите неразрешени внатрешни конфликти, нашите несигурности, нашите незадоволени потреби и слично. Од друга страна интензивниот контакт кој поради домашната изолација во оваа ситуација го остваруваме , или не го остваруваме, со другите членови на семејството може да допринесе до тоа појасно да се пројават или позасилено да се манифестираат веќе постоечките конфликти и несогласувања. Затоа е многу важно токму во овој период да имаме многу разбирање и многу трпение и за другите околу нас, но вклучително и за нас самите.

Што е добрата страна, а што лошата од ситуацијата во која се наоѓаме? Според Вас, што ќе научиме или би требало да научиме од сето ова?

-Стресот и зголемениот егзистенцијален притисок предизвикуваат ослабнување на влијанието на социално-пожелните научени обрасци кои поради притисокот почнуваат да напукнуваат и да се ронат како стара фасада, па поради губењето на истата многу појасно почнуваат да се пројавуваат подлабоките пориви и мотиви кај луѓето. Кај некого ќе се пројават хуманоста, несебичноста, алтруизмот, свесноста за потребите на другите и емпатијата, кај некои други појасно ќе се пројават и ќе се видат себичноста, лакомоста и желбата да се профитира од ситуацијата.

Оваа состојба многу појасно од било кога предходно ни покажува дека како што кажал големиот Хемингвеј "ниту еден човек не е остров, сам за себе, во целост издвоен од копното", напротив сето ова ни укажува колку многу сме меѓусебно испреплетени на начини на кои сеуште не сме свесни. Се надевам дека сето ова ќе ни помогне да сфатиме дека ништо што се случува околу нас, независно дали е блиску или дакеку во светот, не се случува таму некаде далеку од нас на начин кој нас не не засега, туку напротив дека се што се случува и засега макар еден човек го засега целото човештво.

Целата оваа состојба со која се соочуваме сега може да ни донесе искуства и согледувања кои предходно сме ги немале, ниту пак сме ги помислиле. Сите овие нови искуства и согледувања во голема мера можат да ни помогнат појасно да погледнеме и да ги преиспитаме своите ставови, вредности, погледи кон светот и релациите кои ги градиме со другите во светот, се со цел да креираме поавтентичен и поквалитетен начин на живот за самите себе.

Затоа искрено се надевам дека сето ова ќе нè поттикне да бидеме помалку себични и многу посвесни дека секој од нас е само еден дел од системот, од целината. Како поединци ние сме дел од многу целини, од најмалечки до најголеми, од нашето семејство, нашето опшество, нашето човештво, до нашето бивање како само еден дел од планетава земја и животот кој постои на нејзе. Како дел од овие целини не можеме да бидеме добро ако самите тие целини не се добро, ниту пак овие целини можат да бидат добро доколку не се добро сите нивни составни делови.

 

 

фото извор: 

Објавено:
13 април 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.044 пати
Тагови: 
Ивана Маринчек