разговор си психолог Ивана Маринчек на тема изолација и семејните односи

Ретко кога животот ни дава можност да бидеме толку долго време заедно со своите сакани

3 април 2020

Речиси месец дена како сме интензивно во своите домови, почитувајќи ги препораките и советите и од Светската здравствена организација, но и Владата, да избегнуваме социјализација, со цел да го зачуваме своето, здравјето на своите најблиски, но и на другите.

Во овие речиси 30 дена, моравме да се откажеме од секојдневните луксузи, навики и задоволства. Ситуацијата наложи  да се свртиме кон себе и семејството.

Со Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, член на Европската Асоцијација за Психотерапија, дел од здружението за психологија и психотерапија - „Психотерапика“, разговаравме што сè ни носи ова време на изолација. Зборувавме за семејните односи, како да се разговара со децата на помала возраст, тинејџерите, со партнерот, како и што да научиме од оваа ситуација која очигледно има порака и поука за нас.

Воедно, со психологот во наредните денови следи уште еден разговор, кој ја опфаќа социјалната страна на ситуацијата во која се наоѓаме.

Првиот дел од разговорот, посветен на семејството и семејсните односи е продолжение:

Ивана Маринчек

Како да им се пристапи на децата (на помала возраст), како да се разговара со нив?

Комуникацијата со децата е од исклучителна важност во овој период. Со нив треба да се разговара отворено и прилагодено на нивната возраст и степен на разбирање. Децата се исклучително перцептивни и како сунгерчиња го впиваат сето она што се случува околу нив, па од нив не можете да сокриете дека нешто невообичаено се случува. Од друга страна, доколку децата немаат јасна претстава за тоа што се случува, а чувствуваат дека нешто се случува, тие многу лесно можат да влезат во креирање на катастрофични очекувања, т.е. најлоши можни сценарија. Исто така, карактеристично за малите деца е дека тие имаат его-центрично гледање на светот, т.е. имаат тенденција да помислат дека сè што се случува е поради нив, бидејки не ја изеле супата или бидејки не биле “умни” и сл. Затоа е важно со нив да се споделат основните информации како тие би знаеле што се случува. Но, многу поважно од тоа кои информации ќе се споделат со нив е начинот на кој овие информации ќе се споделат. Родителите претставуваат модел за емотивно регулирање на своите деца, односно децата ја адаптираат својата емотивна реакција кон ситуацијата согласно таа што ја гледаат кај своите родители. Па доколку детето гледа дека родителите се опуштени, сигурни, позитивни и релаксирани тоа ќе биде голема поддршка за тоа да се почувствува сигурно и безбедно. 

A со тинејџерите, односно адолесцентите?

Адолесцентните години се години карактеристични по зголемената потреба да се истражуваме и осознаваме себе, и светот околу себе. Тоа се години на зголемена потреба за слобода, социјализација и самостојност, а со тоа и на зголемена бунтовност. Затоа е многу важно во овој период на затвореност дома на адолесцентот да му се овозможи да има дел од таа поголема слобода и самостојност, се разбира согласно реалните можности.

Што кога динамиката на секојдневните активности е променета? Како да го организираме времето во вакви услови?

Многу семејства се најдоа затекнати со настанатата промена во динамиката на нивните секојдневни активности. Вообичаениот начин на кој досега сме го организирале своето време е комплетно променет и пред многу родители стои предизвикот да жонглираат со многуте улоги кои им се наметнуваат истовремено. Покрај родителските и домашните обврски од нив се очекува да бидат и продуктивни професионални работници од дома, како и едукатори, аниматори и негуватели на своите деца. Притоа постојат нереални очекувања дека тие сето тоа можат успешно да го прават во ситуација кога помошта од другите членови на поширокото семејство поради изолацијата е сведена на минимум, а условите на делување се комплетно импровизирани.

Многу е важно сите да прифатиме дека во овие променети услови и нашиот степен на делување, успешност и продуктивност ќе биде променет. Неприфаќањето на овој факт може само дополнително да нè оптовари и исфрустрира, а со тоа дополнително да ја намали нашата успешност во изведувањето на нештата. За да си обезбедиме поголема функционалност неопходно е да направиме соодветно приоритизирање и нашето време и енергија да ги организираме согласно тие приоритети.

Од друга страна, во ова време на неизвесност и непредвидливост постоењето на дневна рутина и предвидливост на активностите кои секојдневно се извршуваат делува смирувачки како за возрасните, така и за децата. Затоа соодветното организирање на времето преку креирањето на предвидлива рамка на планирани дневни активности е многу значајна во намалувањето на стресот на кој сме изложени во овој период.

Низ социјалните мрежи, медиумите постојано има содржини за тоа како да ги анимираме децата во домашни услови... Дали потребата од анимација и помош е повеќе за децата или за возрасните?

Јас би рекла дека тоа е добро и за едните и за другите. Во ситуација на зголемен притисок од сè она што се случува околу нас, неопходно е да посветиме време за опуштање, релаксација и разонода. Играта нè повикува да бидеме во контакт со себе и својата креативност, а истовремено ни помага фокусот на мислите барем на кратко да го оттргнеме од сето она што се случува и што нè преплавува кон нешто кое нè опушта и смирува. Преку играта со своите деца ние инвестираме во нив, но и во себе. Играта ни овозможува да поминеме квалитетно време со своите најмили, но и да бидеме во поголем контакт со детето во себе, кое од друга страна е изворот на нашата креативност, игривост, виталност и безгрижност.

Она за кое е исто така важно да бидеме свесни е тоа дека оваа состојба, независно колку истата и да трае, во еден момент ќе заврши и нештата повторно ќе се вратат во својот вообичаен тек. Ретко кога животот ни дава можност да бидеме толку долго време и во така интензивен контакт заедно со своите сакани. За поголемиот број на семејства тоа се вообичаено само неколку дена во годината кога децата се на распуст, а родителите користат годишен одмор. Дури и во ситуации на користење на породилно отсуство едниот родител во дел од денот е отсутен од дома поради работните обврски. Затоа на сето ова можеме да гледаме и како на една ретка можност која ни овозможува да поминеме квалитетно време со членовите на своето семејтво кое ќе го помниме до крајот на своите животи.

Правилно ли е да се прашуваат децата како се чувствуваат на дневно ниво или пак, тоа ќе создаде дополнителен притисок и нервоза?

Отвореното и искрено зборување за чувствата во безбеден сетинг во кој се чувствуваме прифатени и неосудувани е исклучително важно за одржувањето на менталното здравје, особено во стресни ситуации полни со неизвесност и егзистенцијална загрозеност. За жал, мој впечаток е дека нашата култура на овие простори е доста ригидна и многу ретко отворено се зборува за чувствата во рамките на семејниот систем. Секоја чест за исклучоците кои знам дека постојат. Поддршката која му ја даваме на детето овозможувајки му да зборува за своите чувства е многу значајна и повеќеслојна. Таа прво овозможува растеретување од силните и преплавувачки емоции во дадениот момент. Второ, го поддржува процесот на креирање на интимност и блискост во релациите. И трето, му помага на детето да ја развива својата емотивна интелигенција, да ја зголемува својата психолошка отпорност на стрес и да го зајакнува својот капацитет соодветно да се носи со своите силни емоции. Се разбира во рамките на целиот овој процес мораат да се почитуваат границите на детето, и истото не смее да се турка и форсира да зборува кога тоа истото не го сака. Доколку кај детето постои отпор, тогаш родителот може да го охрабри оставајки му отворена покана дека е тука за него да разговараат тогаш кога детето ќе посака, односно ќе има потреба од тоа.

Какви заеднички семејни активности Вие советувате?

Било кои активности во кои и родителите и децата ќе уживаат. Нема ништо поподржувачко и посмирувачко за едно дете од тоа да ги гледа своите родители опуштени, расположени и релаксирани. Кога мама и тато се добро, и децата се добро. Семејството може да седне заедно и сите да се поддржат меѓусебно да споделуваат какви активности секој од нив би сакал да прават сите заедно. Согласно споделените активности потоа можат да направат листа од сите нешта кои сакаат да ги направат заедно, како и план за нејзино исполнување.

Исто така, низ социјалните медиуми се провлекуваат шеговити текстови и сликовни решенија дека после овој период, ќе има многу бебиња, но и многу разводи. Како да не се случи второто сценарио?

Овој период на домашна изолација е предизвик за сите бидејки нè става во ситуација на која не сме навикнати, а тоа е или да бидеме со членовите на семејството 24/7 во мал и затворен простор или да бидеме комплетно одделени од нив без јаснотија и извесност кога повторно ќе можеме да ги видиме. Сето ова, дополнето со целата егзистенцијална неизвеснот која владее наколу, креира силен притисок и ги става на тест релациите кои ги имаме со значајните други. Кај некого овој притисок ќе придонесе за уште поголемо зацврсување на релацијата, зголемување на нејзиниот квалитет и продлабочување на интимната поврзаност, а кај некого ќе придонесе се за ослабнување на квалитетот на комуникацијата, губење на интимноста и неминовно нарушување на релацијата.

Затоа, од исклучителна важност во овој период е да имаме зголемена свесност за тоа што комуницираме со другиот/-те и на кој начин го комуницираме тоа со нив. Во период на зголемена тензичност и фрустрација од исклучителна важност е да го зголемиме степенот на меѓусебна поддршка која си ја пружаме еден на друг, како и степенот на толеранција, разбирање и прифаќање во меѓусебната комуникација. Важно е да се поддржиме да гаиме однос на љубов, прифаќање, грижа и поддршка кон другите, но истовремено да го гаиме тој однос и кон самите себе. Во период на така интензивно заедништво исклучително е важно почитувањето на приватноста на другиот, со свесност дека покрај времето поминато заедно секој има и своја потреба од приватност, како и веме и простор за себе. Овој простор не е неопходно да биде голем, доволно е и едно мало катче во кое можеме да се повлечеме кога сакаме да бидеме сами со себе, да слушаме музика, да читаме нешто или да се напиеме кафе во мир и тишина.

Објавено:
3 април 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.176 пати