Веќе не е изненадување кога на некоја од ревиите на големите дизајнерски имиња ќе се појави „возрасен" модел и ќе го освои целото внимание и на публиката и на медиумите. Тоа е во контекст на рационалното размислување и стратешкиот бизнис потег на модниот свет, освестен за потребите од нивните услуги на клиентелата од различни генерации, но и во контекст на идеологијата за различноста што се повеќе го модифицира модното јадро.
69-годишниот познат модел Меј Маск беше ѕвезда на неколку ревии и модни случувања во рамките на актуелната Модна недела во Њујорк. Став и харизма, совршено држење – зарем има потреба од повеќе за да се донесе идејата на дизајнерот пред јавноста? А Меј поседува сѐ!
Таа го отвори шоуто „Concept Korea" облечена во ултра урбана, модернистичка и монохроматска бела комбинација.
Продолжи да ги освојува симпатиите и на ревијата на „ Zero + Maria Cornejo" каде носеше елегантна свилена комбинација во пруги.
Дека нејзините амбиции во однос на кариерата како модел, растат, укажува и коментарот што го напиша под една од фотографиите што ги објави на својот Инстаграм профил: Чекајте тек кога ќе наполнам 70...