Македонскиот народен театар со особено интересен настан и потсетување на некои од најголемите великани на македонското глумиште, денеска свечено ги одбележа јубилејните 70 години постоење.
Откако присутните свечено беа пречекани во фоајето на новата зграда на Македонскиот театар, сите се упатија кон сцената каде што впрочем и се случи големото изненадување. И додека публиката уживаше во чаша вино на сцената на која е навикната да ги гледа своите омилени претстави, се крена завесата зад која нѐ пречекаа сите оние заслужни за она што е театарот денес.
Директорот на националната установа Дејан Лилиќ заедно со актерите и сите вработени во МНТ од столчињата од каде што вообичаено ги следиме претставите ги поздрави сите присутни.
„ Сето ова денеска го правиме за вас. Ви благодариме што 70 години бевте со нас. Нѐ фалевте, нѐ критикувавте, бевте на нашите претстави, нѐ галевте, нѐ мазевте...Со вас зреевме, пораснавме големи и ќе станеме уште поголеми. Овој аплауз е за сите актери што беа и што оставија белег во МНТ, за сите режисери, за сите драматурзи, за цела сценска техника, за сите костимографи и сценографи, за сите шминкери и сите реквизитери, за сите оние што на некој начин придонесоа МНТ да си ја доживее својата 70 годишнина и да стане голем“, рече Лилиќ.
На тоа се надоврза и режисерот Дејан Пројковски кој им се заблагодари на сите оние што ги поддржуваат низ годините.
„Денеска рековме дека денот ќе го посветиме на пријателите и на сите оние што нѐ поддржуваат, сакавме да го споделиме она што е најважно за сите нас тука, а тоа е нашата сцена и со тоа ви покажавме драга публико колку ни значите сите овие 70 години. Инаку, местото каде што стоите е нашата фабрика за соништа. Од оваа страна со мене се сите актери, техника и администрација со кои сите заедно го создаваме сонот наречен театар веќе 70 години и уште еднаш сакаме од срце да ве поздравиме“, посочи Пројковски.
На одбележувањето на јубилејот на МНТ ја сретнавме и големата Милица Стојанова која како и секогаш знае да ги каже најубавите зборови!
„Овој јубилеј за мене претставува еден значаен датум кога нашите великани, доајени, прекрасни и со голем ентузијазам, љубов и талент создадоа македонска театарска култура. Со негување на еден јазик што беше преубав, литературен зародиш...Покрај нив биле Блаже Конески, Венко Марковски - луѓе од јазичното подрачје. Тие го почнале театарот во 1945 – та година, а јас веќе во 48 – та година дојдов во театарот. Имаше од кого да учиме занает и многу е значајно што ние всушност сакавме да учиме и како ученици, стоевме покрај нив и се радувавме што можеме и ние да создаваме атмосфера. Многу е убаво чувството денеска, многу е радосно и сакам да упатам еден апел до сите, сега јазикот некако го запоставија, а тој мора да се негува, ние сме амбасадори на преубавиот јазик, а плус не може една културна институција да биде без лектор, лекторот мора секогаш да биде присутен, само така се негува јазикот“, вели актерката Милица Стојанова за Fashionel.
Нејзината млада колешка и актерка која може да се пофали со големи успеси надвор од границите, Јелена Јованова посочи дека би била пресреќна доколку ја доживее кариерата на пример, на големиот Емил Рубен.
„Еве конкретно, Емил Рубен е со нас 49 години и можам само да си посакам и да се надевам дека ќе го терам неговиот пат и успех. Посакувам и понатаму да работиме успешни проекти кои што ќе ги „шетаме“ надвор и со кои ќе се афирмираме и МНТ да стане еден од најголемите амбасадори на Македонија како што и досега бил“, вели Јелена.
Нејзиното мислење го дели и Зоран Љутков кој ќе каже дека она што најмногу го посакува е чисто македонско творештво и македонска драма.
„70 години се многу години творештво во еден театар и мислам дека добро е што на 70 годишнината МНТ конечно си доби своја нова институција и што актерите ги добија условите што ги заслужуваат, што значи дека 70 години има една многу голема историја во овој театар, големи актерски, режисерски и драматуршки имиња што поминале овде. Се надевам дека така ќе биде и во наредните години и дека и ние како генерација ќе оставиме некоја трага како што оставиле позади нас“, вели Љутков.
Сосема за крај, поразговаравме и со прекрасната актерка Амернис Нокшиќи, која неодамна се врати од Бурса, каде што ќе каже дека имале одличен прием со претставата.
„Овој 70 годишен јубилеј на МНТ претставува многу, претставува еден цел живот, 70 години се многу значајни за еден театар. И јас очекувам да ги доживеам тие 70 години, навистина посакуваме“, вели Амернис.
Како дел од прославата, денеска беше прогласена за отворена и изложбата на која сите заинтересирани ќе можат да погледнат некои од најзначајните предмети емотивно поврзани со доајените на македонското глумиште.