„Аферата Елсинор“ повторен предизвик за создавање на нова модна матрица на театарската публика

13 февруари 2014

 

Движејќи се низ лавиринтите на театарската уметност ја манифестираме потребата за промена не само во театарот, туку и за вистинскиот живот. Ја спознаваме уметноста од повеќе аспекти и притоа осознаваме една модернистичка визија за различни принципи, ставови, мислења. Синоќа се случи премиерата на „Аферата Елсинор“, во режија на Љубиша Георгиевски, кој по пауза од четири ипол години ја зема режисерската палка во своите раце. Со овој проект режисерот слави јубилеј од 77 години живот и 55 години творештво.

 

 

„Мојот живот, а особено моето творештво, моето 77/55, беше враќање на Одисеј во Итака. Мојот јубилеј, моето постоење е сведоштво дека јас се уште сум жив. Вечерва, моето 77/55, среде барокниов раскош ќе мине низ еден минималистички „Театар на метафизика“ Зашто јас конечно оддалеку, но јасно ја здогледувам својата Итака, додека Театарот/Пенелопа верно ме чека“, изјави Георгиевски.

 

 

Гламурозноста на објектот и неверојатното чувство кое се раѓа внатре во душата додека чекорите низ црвениот килим, како да сте поканети на светска премиера на филм или претстава им дава една сосема нова димензија на модните визии. Посетителите, вљубениците на седмата уметност имаат нов предизвик кога ќе дојдат во Македонскиот театар. Покрај тоа што се „гладни“ за уметност, тие театарската одисеја ја гледаат низ призмата на елегантниот, класичен и гламурозен моден израз.

 

 

Низ толпата луѓе дел, почитувачи на делото и работата на Георгиевски, дел љубопитни гледачи, дел случајни „минувачи“, беа  голем број на јавни личности кои и овој пат не потфрлија во изборот на соодветна креација и го испочитуваа дрес кодот кој ова барокно издание случајно или намерно го наметна уште од првиот ден на своето постоење.

 

 

„Вечерва носам креација на Мила Кадриу. Ние покрај тоа што соработуваме професионално, соработуваме и приватно, јас имам и приватно парчиња со нејзин потпис. Мислам дека фалеше некој ваков објект каде може малку да се подотераме, затоа што доста беше излегување по патики во фармерки и едноставно шалче околу врат. Јас лично сум многу радосна, дури и чувството е поинакво, имаш предизвик дека вечер си на претстава во театар и треба да подразмислиш што да облечеш“, вели Елена Вишка.

 

Јелена Жугиќ во креација на Елена Лука

Најзабележителна низ дамите беше актерката и актуелна директорка на „Театар Комедија“, Јелена Жугиќ, која без разлика дали се работи за премиера во својот или друг театар, секогаш изгледа елегантно, средено, оригинално и навистина важи за една од најмодерните и најстилски дами во театарот. Еве која е нејзината тајна:

„Најпосле се отвори еден културен објект каде што можеме да си ги профилираме домашните дизајнери кои што и те како мислам дека одлично би котирале и на европска и на светска сцена. Значи секогаш за мене се грижи Елена Лука и на секое мое појавување изненадувам со нешто ново, нешто во мој стил, уникатно и како да е само за мене правено. Се надевам дека не само овој театар туку и сите во иднина што ќе се изградат, просто ќе наметнат дрес код на облекување и тоа треба да е така бидејќи сигурна сум дека секоја жена во Македонија има барем по три фустани кои нема каде да ги облече. Топло ја препорачувам за соработка Елена Лука, за секоја пригода, поготово за во театар“, ни откри Жугиќ.

 

 

Кога сплетките ќе остарат, од нив се прават митови. Грчките митови се почеток на трачот во литературата. Без етика нема естетика. Затоа бидете креативци по дефиниција, позитивци по вокација, со енергичен биоритам, сонувачи од раѓање и зграпчете ја вашата ѕвездена судбина и достојно чекорете по морето наречено живот!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
13 февруари 2014
Категорија: 
Актуел