Нова театарска одисеја низ призмата на модниот израз

8 декември 2013

Со претставата „Вечната куќа“, во режија на Дејан Пројковски, а по текст на Јордан Плевнеш, Македонскиот народен театар ја започнува својата нова театарска одисеја, своето бескрајно патување низ времето и соништата. Зародишот на новата театарска епоха  со свеченото пуштање на употреба на старо-новиот театар, помина гламурозно и сензационално. На црвениот ќилим продефилираа претставниците на високиот политички врв како од нашата земја, така и од соседството. Бизнис елитата, јавните личности и естрадните уметници од Македонија како и од странство му дадоа посебен шарм на настанот. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска не можеше да ја скрие гордоста, задоволството и возбудата од прекрасно сработената работа па изјави:

Фото: skopjeinfo.mk

„Јас генерално би напоменала дека изградбата на театарот има огромна важност пред се, од културолошки, историски, архитектонски, уметнички и технолошки аспект за сите граѓани, за сите уметници кои што ќе имаат можност да ја градат својата уметничка кариера врз основа на една најсовремена сценска технологија за која верувам дека многу тежнееле да ја имаат овде на сцената во овој нов театарски објект, технологија која што ќе даде еден голем потенцијал за промоција за нивните високи уметнички вредности кои што ги поседуваат, а верувам дека и тоа вечерва ќе можеме да го видиме . Навистина сум горда што успеавме сите заеднички благодарение на големата подршка на граѓаните да го изградиме овој објект на истото место кај што постоел и верувам дека голем дел од граѓаните имаат силни емоции, една носталгија за овој објект, каде и впрочем доаѓале и поминувале убави моменти . Верувам дека и сите наши доајени во културната уметност се сеќаваат на овој прекрасен објект. Јас сум убедена дека овој нов театар за идните генерации и за промоција на Република Македонија ќе има огромна важност. Успеавме сите заеднички да создеме едем ваков објект чиј внатрешен ентериер е музеј сам за себе поради богата орнаментика која ја поседува, а припаѓа на нашето културно поднебје“.

Министерката секогаш презентира едноставен, класично елегантен стил, а и вечерва остана доследна на својотпрепознатлив  моден израз. Иако не ни откри чиј потпис носи нејзината тоалета, ни кажа што е најважно за неа при изборот на моделот:

„Јас секогаш сум поскромна во изборот на тоалети и гардероба генерално. Не мие важно да е бренд, она што ми е најважно е да се чувствувам удобно, комотно и да ми се допаѓа.“

Низ огромната толпа на луѓе ја забележавме актерката и сегашен директор на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, па ја прашавме какво значење има за неа отворањето на новиот театар.

„Многу значи. Целопкупната култура ќе се подигне на едно поинакво ниво. Поинакво во многу попозитивна смисла, значи професионално подобро, естетски подобро. Не знам дали е на место паралелава, ама значи и од коњска кола да влезеш во порше, од прилика тоа е разликата. Овој објект значи буквално многу скалила нагоре за сите нас. Нашите деца ќе гледаат театар кој подразбира 600 рефлектори, хидраулика, презентација на еден европски и модерен театар. Значи дека ќе излеземе најпосле од бараките, трулите даски, од 30 рефлектори. За мене ова е голем момент“, рече Жугиќ.

Актерката Јелена Жугиќ негува полежерен и младешки стил, но за свечени пригоди, таа секогаш знае да остане доследна на одличниот избор на тоалети и целокупната визија од моден аспект да ја доведе до совршенство. Затоа ја прашавме како секогаш успева да го усклади стилот за тој да соодвествува со приликата.

„Како и секогаш, впрочем, комплетниот дијзан е на Елена Лука. Мојата соработка со оваа модна куќа трае веќе неколку години и јас сум презадоволна. Вчера вечер Театар Комедија ја имаше својата најнова премиера за претставата „Стујардеси“, со која претстава ја затвора работната 2013 година и јас повторно носев креација од истоимениот моден бренд“, ни откри директорката на театарот Комедија.

Патувањето низ Вечната куќа е едно бескрајно патување низ кое човекот треба да стигне до одговорите на најголемите и најсуштинските прашањња што ги носи со себе низ животните лавиринти. За таквото големо патешествие да се случи, не треба да се поминуваат огромни растојанија-тоа се случува внатре во нас, во нашите срца. Таму, во срцето, ние стигнуваме до сопствените одговори на вечните теми за животот, смртта, љубовта и раѓањето.

И додека се пронаоѓате себе низ лавиринтот на вашата Вечна куќа погледнете ја галеријата која нуди широк спектар на дизајни и креации кои ќе ја задоволат вашата љубопитност и моден апетит.

Објавено:
8 декември 2013
Категорија: 
Актуел