Александар Ванг конечно го прекина молкот и ја најави очекуваната колекција за H&M

9 септември 2014

Александар Ванг со пролетната колекција ја воодушеви публиката која беше дел од модната недела во Њујорк, а дека дизајнерот напорно работи се докажува преку ангажманите кои ги има за сопствениот бренд, но и за Баленсијага, со колекција која ќе ја претстави на модната недела во Париз, кон крајот на септември.

По завршувањето на ревиите дизајнерот конечно ќе ја лансира колекцијата која ја направи во соработка со брендот H&M. За сега Ванг во јавноста официјално објави само три фотографии од машката колекција, а за припадничките на понежниот пол одлучи да ја ангажира неговата пријателка Ријана, која на модната недела во Њујорк се појави во спортска креација од H&M и тоа краток топ и тренерки, комплетирани со патики и чанта од Гучи.

Од фотографиите лесно можеме да дојдеме до заклучок дека акцент на колекцијата ќе биде ставен токму во спортска конотација со преовладување на монохроматски комбинации и секако впечатливото име на дизајнерот како на парчињата, така и на модните додатоци. Колекцијата официјално ќе биде пуштена во продажба на 11 ноември.

Објавено:
9 септември 2014
Категорија: 
Актуел