Во трговскиот центар Сити мол, вчеравечер пред дел од македонските медиуми и обожаватели, Ана го изрази своето задоволство од соработката со бразилскиот бренд за обувки.
-Чест ми е што сум дел од овој професионален тим. Mе избраа мене, како дел од новата генерација девојки што ќе го презентираат најдоброто од Ипанема на Балканот - изјави пејачката.
Облечена во пастелно розов плисиран фустан, со специфичен отвор во предниот дел, таа ги собра симпатиите на присутните.
На прашањето, зошто токму брендот ја одбрал неа, Николиќ објаснува:
-Освен поради мојата музика, која потсетува на бразилската и моето танцување, верувам дека тимот ме одбра и поради образованието што го имам. За оние што не знаат, јас завршив вишо училиште за дизајн на обувки. Така, во рамки на договорот, кој подразбира четири типа на соработка, јас ќе ја дизајнирам колекцијата апостолки за следната година - откри Ана. Таа како заштитно лице направи и провокативна фотосесија.
Иако за оваа пригода дојде во високи потпетици, пејачката потенцираше на удобноста на рамните обувки, кои во следната колекција ќе ги имаат и стиховите од нејзините песни.
На македонската промоција, таа го најави и најновото од неа на музички план.
-Кон крајот на јуни треба да се појави мојот нов албум кој ќе го носи насловот на песната „Милион долари“. Ова е нешто сосема поинакво од мене, а песната ќе ја изведам со уште една атрактивна млада пејачка од нашата естрада - најави пејачката.