Специјалната гостинка на отворањето на 44 „Браќа Манаки", актерката Ана Стојановска го донесе Холивуд на црвениот тепих во ексклузивна дизајнерска креација на нашиот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА.
Соработката меѓу врвната актерка и етаблираната модна куќа, е пример како на црвениот тепих на реномираниот филмски фестивал може да чекориме во духот на светската модна сцена.
ЕЛЕНА ЛУКА уникатната креација ја дизајнираше специјално за Ана, доловувајќи ги нејзините карактер и енергија на најавтентичен можен начин, а во исто време имплментирајќи ги светските тенденции. Резултатот е вистинска модна магија!
„За мене беше чест да соработувам со ЕЛЕНА ЛУКА за црвениот тепих на Манаки. Од друга страна и големо олеснување, затоа што се погрижи целосно за мојот комплетен изглед за отворањето на фестивалот, што за мене е секогаш голем терет. Навистина сум среќна и презадоволна од оваа наша прва заедничка соработка", вели Ана, која не остави простор за рамнодушност со својата појава на отоврањето на фестивалот.
Сензуалната и истовремено моќна дизајнерска креација, во металик пудреста розова нијанса, совршено прилегаше на извајаната фигура на Ана, што го прави впечатокот идеален.
„Ана е навистина инспиративен лик со преубава енергија и беше вистинско задоволство да се соработува со неа. Кога дизајнираме креации за црвен тепих, секогаш постои предизвикот да се биде доследен на реномето на фестивалот, а истовремено доследен и на препознатливоста на брендот. Создадовме навистина светска модна магија што на Ана перфектно ѝ прилега", изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.
Умешноста во изведбата, спојот на светски тенденции и уникатен моден израз, комбинацијата од ултра краток топ по долги ракави и гол грб, во спој со макси здолниште со висок струк – беа идеалната стилска формула со која Ана модно доминираше на црвениот тепих.
Под мотото „Прекрасното непознато" Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки" вечерва го започна своето 44. Издание кое беше отворено со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници" по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300" на „Браќа Манаки" во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа" во режија на Горан Столевски.
На вечерашната свеченост на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу му беше врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.