И покрај тоа што слави 40 години кариера, Џорџо Армани за Style.com призна дека најмногу би сакал да биде дома, во друштво на мачката Ејнџл и со убава вечера. Но, наместо тоа, во чест на неговите соработници, пријатели, обожаватели, Армани се изложи на „селебрити ураган“, како пренесува модниот сајт. Со оглед на важноста на овој јубилеј, Армани одлучи да направи спектакл што ќе трае 36 часа.
Свечен коктел во бутикот во Милано и забава во неговиот клуб Prive беше начинот на кој тој одлучи да го започне одбележувањето на овој јубилеј. Ова беше и повеќе од доволна причина за медиумите да го свртат целосно вниманието кон дизајнерот и неговите познати гости.
Потоа следеше отворањето на новиот изложбен простор на Армани, Armani/Silos, каде се одржа и ретроспективна ревија и тоа со претежно модели од колекциите за Висока мода, па така присутните на пистата можеа да видат преку 90 креации групирани во 11 теми.
Тина Тарнер, Пирс Броснан, Леонардо ди Каприо, Софија Лорен, беа само дел од ѕвездите на овој моден спекаткл. Секако, неизбежно беше и присуството на Кејт Бланшет која блесна во Армани костум, и со тоа го испочитува големото модно име и она по што тој стана познат.
Кога ги правел првите бизнис чекори во модната индустрија, Армани имал 40 години. Сега има дупло повеќе, но темпото не го намалува.
-Направив сè – изјави Армани за новинарите кои беа дел од ретроспективната ревија, притоа не мислејќи само на креациите (преку 600-тини изработени за 30 години), туку и на тоа како изгледа новото здание.
Она што со сигурност може да се каже е дека овој италијански дизајнер е институција во светот на модата, со царство кое опфаќа хотели, салони за мебел, ресторани и бројни lifestyle брендови, кои се продаваат под неговиот патронат.
Во продолжение погледнете дел од ревијата и тоа кој сè го почести Армани со своето присуство: