Арт Базар - Дизајн со љубов: Совршени подароци од рачна изработка

14 февруари 2015

По повод празниците на виното и љубовта, Свети Трифун и Свети Валентин, на Скопски Саем, вчера започна првото издание „Арт базар – Дизајн со љубов“, а ќе трае и денес.

На овој базар учествуваат автори на рачни изработки, креативци што дизајнираат и работат со љубов, па тимот на Fashionel.mk виде презентација на широк спектар на рачно изработени предмети од различни материјали. Едни од најзастапените беа накитот, модните додатоци и врамени подароци изработени од филигран, но нашето внимание го привлекоа и накитот изработен од стакло, бакар, интересни, модернистички ламби изработени од дрво.

Еден од првите штандови е исполнет токму со разни предмети од дрво, изработени од Роберт Коцев:

-Мојот принцип на работа се заснова на зачувување на природната форма на дрвото која ја компонирам во моите уникатни изработки, кои покрај тоа што имаат автентична вредност, исто така се употребливи. Сите рачни изработки имаат своја функција. При нивната изработка користам различни видови на дрва, значи во зависност од мојата замисла користам и питоми и шумски дрва и нивните неправилни форми. Мојот асортиман на производи вклучува: од ситни детали и приверзоци до стаклени шишиња обложени со дрво, па дури и целосно опремени ентериери со елементи изработени од дрво како маси, столови, па и комплетни елементи за една дневна соба – сподели со нас Коцев.

Ништо помалку привлечни не беа ниту плетениците, како и везениот накит и ориенталните ремени.

Оние што ја сакаат романтичноста, но и уникатноста, нема да можат да го одминат штандот на Craft&Art продавницата. Кутии за накит, тањири, свеќи, и други декоративни предмети со романтични и нежни дезени ќе ве восхитат.

-Повеќето од предметите се изработени од дрво, врз кое подоцна се аплицира оризова хартија. Истата постапка важи и за стаклените и восочни предмети. Сепак, на крајот рачно се доцртуваат, бојат и украсуваат – ни кажа Ана Панковска од Craft&Art.

„Арт базарот“ е од промотивен, но и продажен карактер, па е отворен за широката публика. Така, сите оние што сакаат да ги изненадат нивните сакани, но и оние што сакаат себеси да си подарат нешто, можат да го посетат уште  денес и тоа од 11 до 19 часот, во службената зграда на Саем. Влезот е слободен.

Во продолжение погледнете ја галеријата со дел од изработките што можете да ги најдете таму:

Објавено:
14 февруари 2015
Категорија: 
Актуел