Бекамови во хумана акција за помош на Филипинците

23 ноември 2013

Огромни редици се формираа пред продавниците на британскиот Црвен крст во Лондон, за кој славните Викторија и Дејвид Бекам поклонија 20 кутии брендирана облека и обувки од чија продажба собраните средства ќе бидат донирани за настраданите од тајфунот на Филипини. Обувки и облека од познати модни дизајнери,што порано им припаѓале на членките на групата Спајс Грлс, како и на фудбалскиот ас, се продаваа по цена од 100 фунти за парче.

 

Купувачите меѓу кои најмногу жени беа неколку часа пред отворањето на продавниците, а со оглед на тоа дека Викторија носи многу мали броеви, ретко која одбра нешто за себе. Меѓу понудените парчиња на Викторија бea и каубојски чизми со нејзин потпис и скапоцени камења, додека Бекам на продажба оставил и една од омилените маички на која е испишано „Пош“. Една слична акција, Викторија направи и во 2010 година кога собра 7000 фунти наменети за болните од рак. Инаку, тајфунот Хаијан на 8-ми ноември опустоши десет населби на Филипините каде загинаа повеќе од 5500 луѓе.

Објавено:
23 ноември 2013
Категорија: 
Актуел