Според неодамнешна студија објавена на онлајн платформата Baghunter, легендарната „Биркин“ чанта на модната куќа „Ермес“ е повредна и од злато.
Како се вели во текстот, во последните 35 години ( од годината на производство, 1981), вредноста на чантата пораснала за 500 проценти, споредбено со други инвестиции, чија вредност варирала или останала во исти рамки. На пример, на годишно ниво (за 2015) година, вредноста на чантата е зголемена за 14, 2%, споредбено со останатите инвестиции каде просекот е 8,7%, односно за златото 1,5%.
-Како целина, студијата покажува колку е стабилна ултра-луксузната индустрија во последните 35 години споредбено со традиционалните инвеститорски можности. Конкретно, преку примерите како што е „Биркин“ чантата може да се види дека вредноста на ретките, врвните и барани луксузни предмети низ годините не ја намалиле својата вредност, дури ниту во периоди на рецесија и економска криза – вели Евелин Фокс, основачката на Baghunter.
Таа додава дека постои разлика помеѓу луксуз и ултра-луксуз.
-И додека луксузниот пазар страда за време на лошата економска ситуација, ултра-луксузниот пазар успешно ги избегнува економските фактори што можат и влијаат на другите индустрии, меѓу кои се и уличните брендови, малопродажба, како и берзи. Ако на некого му требаше оправдание да си купи парче какво што е познатата чанта на „Ермес“, повеќе од јасно е дека е вистинското време за таква инвестиција – објаснува Фокс.
Па, според ова, оние што имаат „Биркин“ чанта, во некои тешки времиња би можеле да ја продадат за многу, многу повеќе пари отколку златото што го поседуваат.
Инаку, цената на овој моден додаток именуван по Џејн Биркин, се движи од 11.550 долари до преку 200.000 долари. „Биркин“ чантата не се рекламира и не е достапна секому, не само поради цената, туку и поради листата на чекање.
А во корист на нејзината вредност оди и тоа што низ децении е еден од најпосакуваните предмети, за што придонесува и фактот дека голем број личности, познати и влијателни (меѓу кои и кланот Кардашијан) ја носат, а со тоа ја наметнуваат како тренд и безвременско парче.