Бизнис жените порачуваат: Одвојте се од сивилото со уникатна креација!

14 декември 2013

Во меморијалниот центар Никола Кљусев вчеравечер беше презентирана новата бизнис колекција на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева.

Вкупно 10, успешни жени од македонскиот бизнис сектор беа облечени во моделите што дизајнерката ги создаде за да внесе свежина во деловниот свет во Македонија.

Парчињата од колекцијата можеа да се купат веднаш, а вкупно 30 проценти од вчерашната продажба беше наменета за хуманитарни цели, односно за Одделот за онкологија. Како што ни посочи и самата дизајнерка, ова ќе биде колекција што постојано ќе се надополнува и проширува, секако во зависност од заинтересираноста и побарувачката.

„За презентацијата на колекцијата одбравме 10 бизнис, успешни жени на кои им направивме фотосесија и кои веднаш прифатија да бидат дел од овој проект. Иако ниту една од нив не е модел, сепак секоја поединечно одлично се снајде во улогата. Ова е една комерцијална колекција, сите парчиња беа прилагодени на жените што ги носеа, а морам да кажам дека целата колекција ќе се проширува постојано, ќе има нови парчиња, а ќе може да се направат и нарачки“, вели Олгица, додавајќи дека е презадоволна од целата колекција и нејзината презентација од страна на внимателно одбраните жени.

Помеѓу бизнис жените што беа дел од овој настан, беше и Билјана Василева Трендафилова – новинар и уредник во МРТ која носеше елегантен фустан, сосема практичен за нејзината професија.

„Јас носам еден прекрасен, елегантен фустан што може да се комбинира и за дневни потреби, но и за вечерни излегувања. Овој фустан е сосема соодветен за мојата професија и дефинитивно се пронаоѓам во оваа креација и би ја носела. Поканата за учество од Олгица дојде сосема случајно и спонтано, бидејќи со неа се знаеме одамна и сето тоа излезе многу убаво. Кај нас, во Македонија, и во луксузните бутици каде што имаме светски брендови, има убави парчиња, но истите се или премногу класични или премногу спортски и недостасуваат токму ваков вид креации за урбани и деловни жени“, изјави Билјана за fashionel.mk.

Една од повпечатливите креации на вечерта беше онаа на директорката на маркетинг агенцијата Ханибиз Љупка Наумовска, што се состоеше од кусо палто и тренди, широки панталони.

„Јас вечерва носам костим составен од сако и широки панталони. Иако панталоните се широки, истите се дефинитивно носливи за во текот на мојот работен ден. Бојата е црна, инаку мојата омилена. Оваа колекција на Олгица е од особено значење, бидејќи мислам дека нема само да ја подобри контурата на нејзиниот бренд, туку воопшто, ќе донесе и една свежина на македонскиот моден пазар. Се радувам што овојпат моделите не се класични манекенки, туку се претставници од крајните кориснички на самите производи и на тој начин му се дава една нова димензија на овој пазар. Токму вакво нешто дефинитивно му недостасуваше на нашиот пазар, бидејќи некако сите почнавме да личиме една на друга. Ова што Олгица го создаде, ќе не направи малку поуникатни и ќе ја долови онаа уникатна нишка што секој од нас си ја носи во себе“, изјави Љупка.

Kреација на Ѓоргиева носеше и главната и одговорна уредничка на republika.mk, Билјана Зафирова, која уживаше во интересниот сив кариран фустан со ремен со панделка на половината.

„Фустанот што јас го носам е неверојатно практичен и истиот е дефинитивно нешто што јас би го носела на работа. На македонските жени дефинитивно им е потребна бизнис колекција од македонски дизајнери, доволно носевме комерцијални парчиња од различни брендови и конечно е време да почнеме да промовираме нешто што е потпишано од наши креатори“, вели Билјана. На прашањето дали кај нас жените од деловниот сектор посветуваат доволно внимание на својот изглед, таа вели:

„Има жени кои навистина посветуваат многу внимание на својот изглед и кои изгледаат речиси совршено секој ден, меѓутоа имаме и жени што не се соодветно облечени за позицијата на која што се. Мислам дека во иднина треба да посветиме малку повеќе внимание, бидејќи гледаме дека тоа е тренд што цел свет го следи, па зошто не и ние“, посочува Билјана.

Со неа се согласува и познатата македонска новинарка и продуцент, Снежана Лупевска која за жените од нејзината професија ќе каже дека е потребно постојано да изгледаат претставително.

„Македонските жени не секогаш знаат да ја одберат вистинската комбинација, на пример луѓето што работат во администрацијата како да имаат некој усогласен дрес код и некогаш личат како јајце на јајце. Вистинско освежување се неколку бизнис жени што ги познавам кои навистина имаат изградено сопствен стил. Морам да ги искритикувам новинарите и нас новинарките секако, кои што многу често знаат да ја промашат комбинацијата. Има една лоша перцепција за модата кај новинарките - не само на телевизија, туку секој ден, во било каква ситуација, доколку снимаме нешто или работиме со луѓе, ние треба да бидеме уредни и пристојни, а не само кога ќе излеземе на телевизија“, вели Лупевска.

Во црн елегантен фустан ја видовме генералната менаџерка на Завар Компани, Марта Наумовска Грнарова која на шега вели дека многумина и завидуваат на нејзината креација.

„Јас мислам дека вечерва ми завидуваат многумина, бидејќи имам мала црна верзија од Олгица на она што се нарекува мал црн фустан. Она што е многу практично е дека фустанот не се тутка, па така ќе биде практично и за патување. Со дополнување на неколку модни додатоци, тој ќе биде совршен избор и за вечерна комбинација. Јас дефинитивно гледам напредок во тоа како се облекуваат жените во деловниот сектор во Македонија и во последно време како да излегуваат од некои клишеа. Јас ги охрабрувам сите жени да се грижат за својот изглед, бидејќи ако јас можам да го правам тоа во металската индустрија, можат и останатите. Давањето на личен печат во разумна доза, во ниту една ситуација нема да биде претерано. Јас ги поддржувам сите жени да излезат од рамките и малку повеќе да размислуваат како тие се чувствуваат и како би сакале да изгледаат“, вели Марта за fashionel.mk.

Објавено:
14 декември 2013
Категорија: 
Актуел