Олгица Ѓоргиева ги ослободува жените од формалноста во деловниот свет

5 декември 2013

Македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева подготвува нова, предновогодишна бизнис колекција како продолжение на нејзината последна „Ослободување“.

Оваа колекција на дизајнерката го носи називот „Unrestricted“, а таа ќе каже дека станува збор за колекција преку која жените ќе се ослободат од формалноста и стереотипите во бизнис стилот.

„Оваа идеја ја имав веќе подолго време, но сега некако дојде вистинскиот момент да ја реализирам. Секое парче од колекцијата е носливо и всушност се работи за многу едноставни парчиња“, вели Олгица за fashionel.mk.

Нејзината нова бизнис колекција на македонската публика ќе и биде претставена преку истакнати македонски бизнис жени кои ќе ги носат 10 – те комбинации на парчиња што дизајнерката засега ги има подготвено.

„Колекцијата ќе се шири сезонски, односно ќе има нови парчиња за секоја нова сезона. Многу ми е драго пред се, што сите жени се согласија да ја презентираат целата моја колекција и што сите тие се на различна возраст“, вели Олгица.

Целата колекција на дизајнерката ќе се промовира на 13 – ти месецов, а веднаш потоа истата ќе биде пуштена во продажба.

Објавено:
5 декември 2013
Категорија: 
Актуел