Златниот сјај од катедралата Сан Марко, неверојатната колоритна архитектура опкружена со водени површини, пригушените ноти на италијанските шансони кои доаѓаат од гондолите што пловат под „Мостот на воздишките“, легендите за карневалот или едноставно градот во кој нема автомобили освен популарните италијански веспи, Венеција периодов дише во духот на филмот. Имено од 27-ми август, па се до 6-ти септември во Венеција се одржува 71-та едиција на Филмскиот Фестивал чија цел е да се подигне свеста и од различни аспекти да се промовира меѓународната визија на филмот во сите негови форми: како уметност, забава, и како индустрија во духот на слободното изразување и творење. Во рамките на годинешниот фестивал ќе бидат организирани и ретроспективи на дел од најмаркантните личности кои имаат посебен придонес во афирмација на историјата на филмот. Церемонијалното отворање на најстариот филмски фестивал беше традиционално организирана на островот Лидо. Вкупно на фестивалот ќе бидат претставени 55 филмови од кои дваесет ќе влезат во конкуренција за престижната награда „Златен лав“.
Црвениот килим беше преплавен со голем број познати холивудски имиња кои за оваа пригода одбраа навистина раскошни тоалети и го нагласија својот софистициран и модерен стил.
Првиот ден беше промовиран новиот филм на Алехандро Гонзалез Ињаритуа „Birdman or The Unexpected Virtue of Ignorance“ со Ема Стоун, Едвард Нортон и Мајкл Китон во главните улоги.
Црвенокосата актерка Ема Стоун на прес конференцијата пред почетокот на филмот се појави во лежерна комбинација, дело на Проенза Скулер. Станува збор за панталони со висок струк низ кој суптилно се прекршуваат монохроматските геометриски фигури во црно-бели нијанси и топ маичка во црна боја, во комбинација со бели чевли на висока потпетица, декорирани со сребрени камчиња и собрана коса. За гламурозната премиера, вечерта, актерката се појави во темно зелена транспарента тоалета, модел од зимската колекција за 2014 на модната куќа Валентино.
Истата вечер на црвениот килим четирите диви Констанс Јаблонски, Кјара Мастронарди, Нивес Алварез и Лија Кебеде одлучија креациите на Алберта Ферети да бидат нивниот избор и не згрешија.
Констанс Јаблонски се одлучи за романтична тоалета, комбинација на пастелни розови и крем нијанси, шармантно украсена со карнери од едната страна и цветни детали за што по впечатлив изглед. Како завршница на стајлингот Јаблонски одлучи прекрасниот долг фустан да го комбинира со цветни обетки, потпишани од Чопард.
Лија Кебеде, се појави во дводелен модел, од Алберта Ферети. Имено горниот дел беше корсет, изработен од тул и пердуви, нежно стегнат на половината со ремен и лелеаво здолниште во полн глок. Оваа креација е целосно во црна боја, а моделот ја комбинираше со клач-чанта од Салваторе Ферагамо и блескави обетки од Дамиани.
Моделот со шпанска крв, Нивес Алварез изгледаше навистина неодоливо во креацијата на Алберта Ферети. Алварез на црвениот килим се појави во тоалета со интензивно розова боја. Фустанот е со едноставен крој со посебен акцент на деколтето и волуменозно здолниште во полн глок. Манекенката тоалетата ја комбинираше со масивен ѓердан на Булгари и клач-чанта на Салваторе Ферагамо.
Кјара Мастронарди е последната од групата ѕвезди која се одлучи на фестивалот да се појави во тоалета исто така дело на модната куќа Алберта Ферети. Станува збор за фустан низ кој моќно е претставена апстрактна игра на црна, бела и златна боја. Моделот во горниот дел е затворен, со нагласена половина и здолниште во А-крој на кое странично му се аплицирани џебови.
Актерката Луиза Раниери ја имаше честа да го отвори годинешното издание на филмскиот фестивал. Таа на вечерната церемонија пристигна облечена во тоалета со кралско сина боја, модел од колекцијата на Армани Приве. Со силуета на песочен часовник, силна шминка, Раниери презентираше елегантен и отмен чекор на црвениот килим. Комбинацијата, актерката ја комплетираше со накит на Чопард.
И актерката Сара Гадон на црвениот килим се појави во тоалета на Армани Приве. Креацијата претставува комбинација на пастелно розови и сребреникави тонови. Овој стајлинг наиде на помалку негативни критики од страна модните стилисти бидејќи под фустанот лесно можеше да се забележи долната облека на актерката. Тие беа едногласни во својата одлука дека изборот на ваков модел не е соодветен за на црвен килим. Поради впечатливиот и провокативен стајлинг Гадон одлучи овој модел да го комбинира со преубав часовник дело на Jaeger.
Онаа која дефинитивно ги однесе сите пофалби за својот изглед на црвениот килим беше актерката Моран Атијас која носеше креација во светло сини бои на Зак Посен. Моделот е во сирена крој со опашка во задниот дел и комплетно ја следи линијата на телото на актерката. Брановидната фризура во стилот на Викторија Лејн, накитот потпишан од Faraone Gioielli и клач-чантата на Сваровски му дадоа префинета завршница на изгледот,а Атијас едноставно блескаше на црвениот килим.
Филмскиот фестивал немаше да биде она што е да не се појавеше моделот кој е прогласен за амбасадор на италијанската култура во светот, миленичката на двоецот Долче и Габана или едноставно прекрасната Бјанка Балти. Синооката убавица сосема очекувано носеше модел од последната колекција на модното дуо Долче и Габана. Станува збор за тоалета во црна низ која шармантно се навезени цветови од црвени каранфили, покриени со тул. Креацијата беше собрана во делот под градите и брановидно паѓаше по должината на телото на супермоделот. Бјанка уживаше на црвениот килим и не ја симна насмевката од нејзиното лице. Со овој стајлинг, Балти комбинираше Шопард накит.
Ангелот на Викторија Сикрет топ моделот Александра Амброзио, исто така беше дел од гламурозната вечер на филмскиот фестивал. Во поглед на изборот на креација, таа им се придружи на „армијата“ ѕвезди кои одбраа модели од брендот на Алберта Ферети. Станува збор за креација во мека црвена нијанса која во предниот дел е пократка, а во долниот подолга. Горниот дел е корсетиран, а здолништето е во полн волуменозен глок.
Уште една вест која комплетно го олицетворува модниот дух и ги поврзува филмот и модата во нераскинлива врска е краткометражниот филм „Miu Miu Women’s Tale“. Проектот е посветен на проблемите и грижите со кои се соочува секоја современа жена. Темата на филмот е во комплетна корелација со феминистичките идеи на дизајнерката Миуча Прада. Под рефлекторите на црвениот килим продефилираа младите актерки Кирстен Данст, Лена Данам, Дакота Фенинг, Фелисити Џонс, Кејт Мара и други, сите облечени во креации на Прада.