Брендот „AMRA“ ги соедини машките и женските стилови во еден

16 мај 2016

Младата Амра Исмани која креира под брендот „AMRA“ во саботата ја претстави својата прва колекција, со што завршија модните вечери на студентите од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“. 

„Колекцијата го носи името „de-struo“ што во буквален превод значи уништување. Тоа „уништување“ најдобро успеав да го претставам со различен микс на материјали и текстури, микс од стилови и спој на остри и меки форми. Мојата идеја е со оваа колекција да го прекршам правилото дека женската силуета секогаш треба да биде нежна и елегантна, односно дека облеката не треба да биде елемент со кој таа ја истакнува својата физичка убавина туку елемент кој го претставува начинот на кој таа размислува“, вели Амра Исмани. 

Таа додава дека користела материјали кои се карактеристични кај машката облека во комбинација со најженствениот материјал-свила за да се долови моментот на соединување на два спротивни стилови, односно машки и женски комбиниран во еден. 

Исмани креираше и чевли кои ја дополнуваат целата колекција. 

За шминката на манекенките се погрижи Јована Коциќ, а за фризурите Арта Латифи. Ревијата на AMRA беше поддржана од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“, Француски институт во Скопје, Амбасадата на Франција во Македонија и Општина Чаир. 

На модните вечери кои се одржуваа од 12 до 14 мај во организација на Моден викенд Скопје, беа презентирани и колекциите на „Mustela Ermin“ и „MARKOV“.

Објавено:
16 мај 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
172 пати