Првите креации на учениците на Изет Цури

16 јули 2015

Чифте Амам беше местото каде што вчеравечер се одржа изложбата на креации на учениците од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“.

Присутните имаа можност да ги видат резултатите на учениците, обединети под името „Моделизам“.

Изложбата е организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Франција во Македонија и општина Чаир, па секој од претставниците на овие институции се обрати до присутните и го изрази задоволството за сработената работа.

Меѓу присутните секако беше и познатиот моделар и дизајн Изет Цури, кој своето 40-годишно работно искуство се обиде да им го пренесе на сите оние што имаат желба да научат.

На прашањето како е задоволен од сработеното, тој ќе каже:

-Не се работи за тоа дали и како сум задоволен. Се работи за тоа дека ние имаме цел. Сакам да излезе првата генерација на дизајнери и  моделисти од нашето школо со вистински познавања, затоа што во Македонија, најголемата индустрија е текстилната, а нема моделисти. Тоа е исто како клиники без доктори. Затоа и сакам да им се заблагодарам на сите што се присутни и сите што придонесоа за ова да се реализираа. Пред девет месеци овие луѓе знаеја многу работи, но вечерва ги гледаме нивните резултати – изјави Изет Цури за Fashionel .

Изет Цури

Вечерта на учениците од различни националности и возрасти им беа доделени и сертификати, со што уште еднаш се покажа дека за учење и надоградување никогаш не е доцна.

-Присутните вечерва можат да ги видат резултатите од 3, 6 и 9 месечни курсеви за моделизам, стилизам и дизајн. Целта на изложбата е да се заокружи една година и да се подигне интересот кај луѓето за модата во Скопје, но и во Македонија. Не само од аспект на стилизам и естетика, туку и еден многу битен аспект, кој што мислам дека со години кај нас се става во втор план, а тоа е техничкиот дел, односно како од една идеја би стигнале до комплетна реализација на моделот, без притоа да се изгубите по пат. За тоа може да се постигне, потребно е многу искуство, многу работа, ви треба исцрпност и труд – ни изјави еден од учениците, Игор Марков.

Тој додава дека ова е одлична можност за сите што ја сакаат модата и дизајнот и за оние што сакаат да запливаат во овие води.

-Во Институтот може да се види како ние работиме, да се поразговара со нашиот професор Изет Цури, на кој му се восхитувам поради трудот што го вложува и посветеноста и после толку години искуство. Исто така, со оглед на искуството, за поздрав е тоа што повторно се враќа тука. Од Париз се враќа за талентите од Скопје да имаат можност да учат и да се развиваат. Јас имам големи амбиции за понатаму. Во моментов сум во фаза на подготовка на мојата колекција. Тоа го правам изминативе осум месеци. Но, сакам да биде и естетски и технички издржана и тоа не се прави за две –три недели или месец дена, особено ако сте сам, ако немате екипа околу вас, ако сте почетник. Значи работам на тоа наесен или најдоцна пролет да ја презентирам колекцијата – ни откри Марков.

Поразговаравме и со Амра Исмани, на која ова ѝ е прво претставување од овој тип:

-Инспирацијата ми дојде од темата – Животот на мојот татко, односно како почнал од најмалите нешта, за да создаде нешто многу поголемо, да се најде онаму каде што е денес. Токму на тој начин и јас ја создадов мојата креација. Земав мали детали, кои ги вклопив во моделот, надевајќи се дека еден ден ќе препрасне во нешто големо. Токму затоа во иднина очекувам и имам амбиции за многу повеќе од ова што го гледаме вечерва. Во секој случај, првпат се претставувам пред публика и сакав да покажам нешто што има значење за мене. Мислам дека сè што се прави со љубов и чувство има поголем успех. Уште од мала бев многу заинтересирана за мода, за боите, формите, комбинацијата меѓу контрастите, па одлучив тоа да биде нешто со што ќе се занимавам во животот.

Со своја креација се претстави и младата Ирина Траилов.

-Креацијата е дел од една мини колекција. Наменета е за млади жени, кои можеби веќе се и мајки, но се во тренд со модата, здравиот начин на живеење. Жени кои се  инволвирани во успешна кариера, поминуваат квалитетно време со своето семејство, вечерите ги поминуваат со друштво, но и секогаш се бунтовни и храбри. Сето тоа се обидов да го претставам преку креацијата. Интересот за модата постои отсекогаш. Секогаш бев бунтовна околу тоа што ќе носам и честопати сама ги менував парчињата облека. Но, ова е единствена можност во Македонија да може да се запознаеме со начинот на кој се изработува Висока мода во Париз и моделирање на самата конструкција. Многу сум благодарна за оваа можност. Да се учи од ваков мастер е навистина реткост – го сподели своето мислење Траилов.

Меѓу присутните беше и младиот Виктор Цветановски, кој исто така одлучи своето знаење да го стекне и надогради во рамки на програмата на овој институт.

-Со Изет ја научивме структурата на облеката, она што претставува база, бидејќи повеќето луѓе овде во Македонија немаат претстава за базата на облеката, за моделизмот. Изет е професионалец кој даде сè од себе за да нè упати во моделизмот. Научивме многу, а понатаму ќе учиме уште повеќе. Кога сме веќе кај тоа што следува, јас останувам да соработувам со Изет Цури на понатамошни проекти. Веќе организиравме ревија во Сити Мол, нè чекаат многу други ангажмани, во септември одиме во Париз, така што нè очекуваат мошне интересни и возбудливи работи во иднина – ни откри Виктор.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата и креациите на учениците на Изет Цури. 

Објавено:
16 јули 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
897 пати