Во прекрасниот амбиент на Националната галерија „Даут-пашин амам“, студентите од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, вчеравечер ги претставија своите креации.
Присутните имаа можност да видат дел од креативноста преточена во креации на некои нови студенти, но и некои со кои имавме шанса да се запознаеме и минатата година, кога започна и официјално да функционира Институтот, од различни возрасти, средини и со различни афинитети.
Исто како и лани и оваа година, годишната изложба беше обединета под името „Моделизам“, а секој по својата замисла и сензибилитет создаде нешто на што се гордее.
Од класични, црни, свечени тоалети, преку оние со цветен принт, смокинзи, до футуристички креации со флуоресцентни геометриски форми, студентите се потрудија на најдобар можен начин да го претстават она во што сметаат дека се најдобри.
Посебно внимание ни привлече тоа што, речиси сите креации вклучуваа ткаенини со интересен, необичен принт. Имаше и такви изработени од гума, најлон, кожа, во комбинација со понежни ткаенини.
Дел од студентите својата страст и умешност ја прикажаа и преку изработка на чанти во различни форми и големини.
Изложбата и оваа година беше организирана во соработка со Амбасадата на Франција во Македонија, Францускиот институт во Скопје и Општина Чаир.
Пред да бидат поделени и официјално дипломите, на присутните им се обратија градоначалникот на општина Чаир, како и основачот, моделарот и дизајнерот Изет Цури.
Тој го изрази своето задоволство од интересот за дизајн што сè повеќе се зголемува. Исто така, посочи дека креациите со кои е исполнет просторот на Даут-пашин амам е резултат на трудот, знаењето и креативноста на студентите.
Во галеријата во продолжение погледнете дел од атмосферата и креациите што ја заокружија годинешната креативна приказна од институтот „Изет Цури“.