Студентите на Изет Цури ги презентираа своите уникатни дизајни

29 јуни 2017

Вчера во Даут-пашиниот амам во Старата скопска чаршија, традиционално Институтот за мода „Изет Цури" во рамки на својата годишна изложба ги презентираше уникатните дизајни на студентите од прва година.

Изложбата годинава беше конципирана под наслов „À la Mode", а на истата беа промовирани 30-на автентични модни дизајни на студентите по моделизам и стилизам од оваа школа.

Оваа завршна изложба во суштина е сублиматот на тоа што научиле студентите во текот на една година интензивно проучување и практично работење во областа на модниот дизајн, под менторство на г. Изет Цури од Париз и на предавачите од Италија, Швајцарија и Македонија.

На оваа годишна изложба, беа претставени и креациите изработени во рамките на проектот „Будење на скопските бисери", поддржан од Министерството за култура на Македонија.

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури" од почетокот на своето постоење се фокусира на градење професионални кадри кои ќе бидат оспособени да работат во модната индустрија по стандардите на високата мода, притоа подигнувајќи ги самите стандарди во модата во Македонија и регионот. Благодарение на остварените врски со модни куќи во странство, избрани студенти на оваа модна школа од Скопје имаат можност дел од своето студирање да го поминат во странство, како стажанти во модна куќа. Токму поради тоа, овогодишната изложба ќе биде посетена и од претставници од неколку модни куќи од Франција и Италија.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите следните седум дена.

 

Објавено:
29 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
421 пати