Погледнете ги креациите од четвртата изложба на студентите од Институт за мода „Изет Цури"

1 јули 2019

Во преполниот изложбен простор на Даут-Пашиниот амам во Скопје, во петокот традиционално се одржа годишната изложба на модни креации во организација на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури" од Скопје.

Ова е четврта година по ред како студентите го презентираат своето знаење преточено во креации. „La Parisienne" беше годинашната тема на изложбата, во рамки на која беа презентирани триесетина креации, дизајнирани и изработени од студентите по моделизам и стилизам од оваа школа, a под менторство на г. Изет Цури од Париз и на предавачите: Проф. Лазе Трипков, Проф. Доминик Брунет, Проф.Елена Вангеловска, и Проф.Никола Ефтимов.

Покрај овие, посетителите имаа можност да видат и креации од дизајнерски имиња кои ја минале едукацијата на оваа школа.

Како и досега, на студентите им беа врачени сертификати за годишно постигнување и успех. Дополнителна мотивација беа и наградите од Францускиот институт во Скопје, за најдобрите во категориите концепт за колекција, моделизам и стилизам.

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури" од почетокот на своето постоење се фокусира на градење професионални кадри кои ќе бидат оспособени да работат во модната индустрија по стандардите на високата мода, притоа подигнувајќи ги самите стандарди во модата во Македонија и регионот. Благодарение на остварените врски со модни куќи во странство, избрани студенти на оваа модна школа од Скопје имаат можност дел од своето студирање да го поминат во странство, како стажанти во модна куќа.

 

Објавено:
1 јули 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
986 пати