Брендот Маркес Алмеида освои 300.000 евра на годинешните Луј Витон награди

27 мај 2015

Британскиот бренд Маркес Алмеида, создаден од Марта Маркез и Паоло Алмеида, го освои првото место на годинешните Луј Витон награди.

Двајцата талентирани дизајнери, не само што освоија награда од 300.000 евра што се смета за најголемиот фонд за млади дизајнери и брендови, туку во текот на целата година ќе бидат под менторство на тимот на една од најпознатите модни куќи во светот – Луј Витон.

Она што е дополнително важно, е тоа што сите нивни колекции и парчиња ќе бидат одобрени од тимот на куќата, што е многу важно кога станува збор за нов и непознат бренд.

Брендот Маркес Алмеида со квалитет и супер парчиња успеа да победи седум други брендови во трката за избор на најдобрите млади дизајнери. Дел од жирито што ги оценуваше дизајнерите беше и големиот Карл Лагерфелд, Марк Џејкобс, Николас Гескиер, Раф Симонс, Фиби Фило и Делфина Арно.

Брендот Маркес Алмеида со седиште во Лондон, за прв пат ѝ се претстави на јавноста со модна ревија во 2011 – тата година, по што веднаш станаа познати по интересната употреба на џинс, иако денеска, тие ќе кажат дека џинсот не е нивната примарна цел во дизајнирањето колекции.

Нивната прва ресорт колекција тие ќе ја прикажат во јуни, а веќе имаат детални планови за тоа во кој правец ќе се одвива нивниот бизнис.

Објавено:
27 мај 2015
Категорија: 
Актуел