Непрофитната хуманитарна организација Банка за храна, денеска симболично го одбележа светскиот Ден на гладот со доделување на благодарници за сите институции, компании и приватни лица кои во рамките на хуманитарната акција „Недела против гладот 2014 Македонија“ на 110 социјално загрозени и сиромашни семејства од општина Струмица им донираа прехранбени пакети.
Доследна на своето водечко мото „Модерни и хумани“, Елена Лука и со овој хуман гест покажа дека модата и хуманоста меѓусебно не се исклучуваат, туку напротив се надополнуваат, па по тој повод генералната менаџерка на брендот, Елена Пандева го доби престижното признание Амбасадор против гладта кое и беше врачено денеска на симболичниот настан што се одржа во Домот на АРМ во Струмица.
„Ова е сепак настан кој треба да им го посветиме на оние луѓе на кои и мало внимание им значи многу, социјално загрозените лица и сиромашните семејства и некои од нив денеска се присутни овде. Практично не е само еден ден во годината, туку сите 365 треба да им се помага барем со донација на соодветна храна на тие семејства. Искрено ви благодарам што ја имав честа да бидам дел од оваа иницијатива“, изјави Елена Пандева која често поддржува или и самата заедно со својот тим организира хуманитарни акции за помош на различни категории граѓани.
Бројот на семејства на кои им е потребна ваквата помош е алармантен, па основната цел на иницијативите како онаа на Банката за храна, е да се поттикне емпатијата кај луѓето и хуманата свест кај компаниите и општествените институции.
„Откако почнавме со иницијативата Банка за храна во 2011 година, па до денес, има се повеќе гладни луѓе, но и се поголема наша активност, од аспект на лобирање и обезбедување храна и прехрамбени производи наменети за гладните и сиромашни граѓани. Денеска, со оваа наша акција се подели 1,4 тони храна што можеби за некого е симболика, меѓутоа за овие гладни луѓе во случајов од Струмица и околината значат многу“, изјави претседателот на Банка за храна, Душко Хистов.
Банка за храна ја игра улогата на непрофитна, добротворна, хуманитарна организација која го собира вишокот храна, храната која е во “тесен“ рок на корисна вредност, односно пред крај на употреба, притоа, поради извесни причини не е во можност да се пушти во продажба или пак да биде искористена за било која друга трговска намена. Оваа организација која во Македонија почна да функционира во 2011 година, има вискоко ниво на подготвеност за навремено обраќање и сорабтока со социјалните центри, народните кујни и другите организации и со заеднички сили, храната им ја доставуваат на оние на кои истата им е потребна, нашите гладни и сиромашни сограѓани.