Модната куќа Елена Лука веќе неколку години наназад, традиционално ги креира матурските стајлинзи за матурантките од Домот за деца без родители „11 Октомври“.
Матурантките и од оваа генерација со сигурност ќе се чувствуваат убаво и пријатно на нивната матурска забава, со оглед на тоа дека ќе ги носат креациите специјално дизајнирани за нив и според нивните желби.
„На вниманието и искреното пријателство, децата секогаш знаат да одговорат со бесценета насмевка и благодарност што е повеќе од голем мотив со задоволство да создаваме и креираме за нив“, велат од Елена Лука.
Секоја од креациите за матурантките е приказна за себе и е одраз на индивидуалниот стил на девојчињата, но сепак она што е заедничко за сите нив е што соодветно се прилагодени на нивната возраст и зрачат со младешка енергија.
Доминираат пастелните нијанси и едноставните и минилистички кроеви, како и романтичните миди фустани, но и модернистички црно-бели комбинации.