Првата полуфинална вечер на годинашното издание на „Евросонг“ се одржа вчера. Ротердам е градот домаќин, а со оглед во какви услови беше организиран фестивалот, сите пофалби за организацијата и изгледот на сцената.
А таа импозатна сцена, можеше да „истрпи“ и фантастични сценски појавувања, барем кога е модата во прашање.
Но, дали навистина имаше такви?
Прочитајте во продолжение:
The Roop, Литванија
Членовите на групата која ја отвори првата полуфинална вечер носеа комплети во жолта боја и со ретро модна естетика. Жолтата е супер избор за сцена и привлекување внимание, а ретро костимите се нешто што лесно може да се пренесе и во денешната улична мода, така што иако не е нешто што не сме го виделе, сепак ни беа симпатични и весели.
Ана Соклиќ, Словенија
На прв поглед, Ана делуваше како Гвинет Палтроу на Оскаровскиот црвен килим пред десетина години, во креација на Том Форд. Наметката го постигна својот ефект, да спречи Ана сама да се изгуби на сцената. Можеби поширока ногавица на комбинезонот од колковите кон долу би делувал попривлечно на пејачката, а она што дефинитивно и' недостига е малку поинтензивен мејкап и дополнителна доза на впечатливост. Ова би бил добар избор и за невестинска креација.
Манижа, Русија
Манижа имаше впечатливо појавување. Огромниот фустан под кој се криеја танчари, со карнери и етно мотиви, кој веројатно требаше да нè потсети на руските бабушки, секако го привлекува вниманието. Иако сме малку презаситени од етно-мотиви и од моментот на пресоблекување на сцена, сепак за разлика од некои други појавувања, нејзиното беше поврзано со песната, а целта да се привлече внимание сепак беше постигната. Вистинската креација на сцена беше црвениот спортски комбинезон во комбинација со бели патики и светкавата голема панделка на главата. Во ваква комбинација на сцена некако не ни одеше модниот избор на пратечките вокали, кои изгледаа како да се во светкави мантии со патики, но од друга страна, на сцената на овој фестивал нема правила.
Тусе, Шведска
Интересен моден избор на шведскиот претставник Тусе. Елек на преклоп и ремен, како и широки панталони од истиот материјал се супер комбинација, која е трендовска, но на сцена би била досадна. Затоа е надополнета со интересна маичка со металик сјај, која потсетува на луксузна тантела и ракавици кои се дополнително збогатени со металик детали со реси, и апликации од истата тантела. Со движењата и фризурата, на моменти не потсети на Мајкл Џексон.
Монтењ, Австралија
Претставничката на Австралија ја имаше најоригиналната шминка од првото полуфинале. Одлично вклопена со кратка фризура и коса во боите на виножито, истите бои беа применети и во деталите кои беа на ременот и рамениците, а вклучуваа украсни камчиња и цвеќиња. И кројот на комбинезонот ни се допадна, волуменозните ракави се полн погодок, иако материјалот и не ни е меѓу омилените и таа навистина умееше да го носи совршено и да изгледа на сцената впечатливо.
Васил Гарванлиев, Македонија
Нашиот претставник се појави во црно одело, сигурен и не многу интересен изглед на прв поглед, под кое беше сокриен горен дел создаден од огледални парчиња, кои даваа совршен визуелен ефект на сцената и му помогнаа да има впечатлив сценски настап, креација зад која се потпишува костимографот Раде Василевски. Воедно, и на дефлето на делегациите на самото отворање на манифестацијата, Васил носеше круна, која само ја најави стилската приказна која следеше на сцената и покажа модна доследност. А кога се визуелните ефекти во прашање, ни изгледа годинава како најмногу да сме ги искористиле можностите што ни се нудат, за разлика од некои други појавувања.
Лесли Рој, Ирска
Лесли се појави зелен комбинезон на риги со кожен ремен на половината во поинаква зелена нијанса, изработен од кожа. По малку досадна комбинација, тргнувајќи од бојата како директна асоцијација на државата која ја претставува, а и самиот избор на модно парче не беше некој среќен избор. Лесли го привлече вниманието бидејќи се појави боса на сцената.
Елена, Кипар
Вистински сценски костим носеше претставничката на Кипар. Елена се појави во сребрен костим кој наликуваше како да е наменет за уметничко лизгање, и нè потсети на „голите“ фустани кои ги носат Џеј Ло или Бијонсе, но одлично се вклопи во нејзиниот сценски настап. Тесните комбинезнони и шминката на танчарите пак, беа крајно јасна асоцијација за името на песната „El Diablo“.
TIX, Норвешка
Сребрен комплет, мантил од пердуви и огромни ангелски крилја, сребрени обувки на платформа, а сето тоа дополнително „зачинето" со очила за сонце, и марама врзана околу челото – веќе многупати виден сценски изглед на евровизиската сцена, па затоа и не можеме да кажеме дека ни беше многу интересен. Но, и покрај тоа, појавата на норвешкиот претставник и надвор од сцената секогаш вклучува металик облека, синџири, траката околку глава, па сепак на тој начин успеал да изгради препознатливост меѓу натпреварувачите годинава.
Албина, Хрватска
Мора да се признае дека хрватскиот стајлинг не беше нешто досега невидено. Албина потсетуваше на Мадона во периодот на Confessions on the Dance Floor. Боди-костумот од диско ерата на 80-те беше споен со футуристички детали како сребрениот колорит, што и не е така страшна варијанта за на Евровизија. Изработен од три слоја, за да не биде транспарентен, таа носи комбинезон со корсетска изведба во горниот дел, а врз кој потоа се нанесени кристали, за да се добие блескав ефект. Зад креацијата се потпишува познатиот хрватски дизајнер, Јурај Зигман, за кого ова е препознатлива естетика, а кој веќе соработувал и со светски ѕвезди. Добро реализиран костим, но нам во моментот ни изгледаше како уште еден од многуте сребрени металик креации на сцената.
Hooverphonic, Белгија
На настапот на Hooverphonic му недостасуваше малку боја, иако неверојатно секси беше мини фустанот со ролка и долги ракави, кој суптилно светкаше во сиот тој мрак. Но, мораме да признаеме дека очекувавме нешто поинаку од нив.
Еден Алене, Израел
Белото фустан - палто кое претставничката на Израел го носеше за време на својот настап потсетуваше на некоја креација висока мода од, да речеме, Александер Меквин. Штосно и кратко, со црни детали убаво се вклопи во амбиентот. Второто пак, целото како создадено од конец, беше совршено надополнување и можеме да кажеме дека ова е еден од нашите фаворити и покрај штосот со пресоблекување на сцената.
Роксен, Романија
Роксен од Романија е од оние кои не можеме да ги сместиме ниту во категоријата добри, ниту во лоши. Ако се анализира само фустанот како одделно парче, интересно е, романтично и во него се вклопени неколку актуелни модни трендови. Има и уметнички доработки што го прави уште поуникатно. Претставничката на Романија го носи со мартинки, што е интересен контраст, и со светкави хулахопки кои ние би ги исклучиле од комбинацијава.
Ефенди, Азербејџан
Кога не знаете што да облечете, посегнете по малиот црн фустан, а овој на Ефенди одлично стоеше - асиметричен во долниот дел, а помалку откриен кај торзото, со истакнати редени раменици. Секси, веќе видено, сепак прифатливо.
Go_A, Украина
Кога Гринч, „Малефесент“ и „Матрикс“ би ги споиле силите, веројатно би го добиле евровизискиот костим на украинската претставничка. И можеби тоа не би било толку страшно, да одговараше стајлингот и настапот со песната. Вака, имавме чувство дека слушаме едно, а гледаме погрешна слика.
Дестини, Малта
Самодовербата е многу важна работа на сцената, а тоа го имаше претставничката на Малта. Ресите на нејзиниот мини фустан ја одиграа својата улога давајќи повеќе димензии на изгледот. Во други услови, би рекле дека Дестини треба да носи долг фустан, но овој пат тоа не го дозволува песната, а со чизмите стои прилично фино.