Одличен настап на Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2018 – Марија како принцеза во креација на Елена Лука

25 ноември 2018

Претставничката на Полска, Роксана Вегил со песната „Anyone I want to be" е победничка на 16-то издание на Јуниорскиот Евросонг 2018, што се одржа вечерва во Минск, Белорусија.

Македонија во совршено издание ја претстави нашата Марија Спасовска која имаше одличен настап за нејзината хит песна „Дома", а се пласираше на 12-то место.

Целата сцена на нејзиниот настап беше претворена во бајковита сликовница во која Марија изгледаше волшебно во прекрасен сценски костим што го дизајнираше модниот бренд Елена Лука, а ја следи нарацијата на емотивната приказна за „Дома" и во својот дизајн неодоливо потсетува на нежна снегулка. Сцената секогаш бара силен визуелен печат што ќе ја надополни и ќе и даде целина на музичката изведба, а овој пат Македонија имаше комплетна приказна.

Елена Лука исто така ги дизајнираше и сценските костими за видео записот за „Дома", едниот инспириран од приказната „Девојчето со кибритчињата", додека вториот повторно е олицетворение на нежна, бела снегулка која е всушност метафора за безгрижно и среќно детство.

Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Песната ,,Дома,, има топла и хумана порака за сите: Секое дете да го најде својот топол дом, да се згрижат децата од целиот свет кои немаат Дома, за сите да имаат Дома! Веруваме дека оваа порака преку гласот на Марија и нејзиниот настап на Јуниорскиот Евросонг, ќе допре до многу детски срца.

 

Објавено:
25 ноември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.476 пати