Се подготвуваме за детската „Евровизија 2018“ - Елена Лука со беспрекорна костимографија за спотот на песната „Дома“

15 октомври 2018

Со песната „Дома", 13-годишната Марија Спасовска од Скопје, ќе ја претставува Македонија на детската „Евровизија 2018" што е закажана за 25 ноември во Минск, Белорусија.

Песната испраќа топла и хумана порака до сите деца во светот, со музика и аранжман на Дарко Димитров, текстот е на Елена Ристеска и Дарко Димитров, а костимографијата за спотот е на нашиот етаблиран моден бренд Елена Лука, која до сега во повеќе наврати ја дизајнирала сценската костимографија на нашите претставници за Избор на песна за Евровизија, вклучувајќи ја и детската Евровизија.

Елена Лука покрај тоа што ја дизајнира костимографијата за спотот на песната, исто така ќе се погрижи и за стајлингот на Марија на сцената во Минск.

„Сцената секогаш бара беспрекорен визуелен ефект, за да се заокружи комплетната приказна. Токму затоа посветуваме исклучително внимание на секој детаљ од сценската костимографија, независно дали се работи за видео запис или изведба на сцена. Овој пат за нашата драга Марија, која годинава ќе нè претставува на детската Евровизија во Минск, дизајниравме комплетна костимографија за спотот за песната „Дома" која има една исклучително топла приказна и за која е од суштинско значење да допре до сите деца. Затоа, костимографијата е еден од клучните сегменти за вистински да се доживее приказната. Деталите сè уште нема да ги откриваме, затоа ќе почекаме и официјално да биде објавен спотот деновиве", вели Елена Пандева, сопственичка и генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука.

А спотот се снимаше минатата недела во Македонската опера и балет, под режисерска супервизија на Чедо Поповски и во реализација на продукцијата „Сутерен Студио". Ние имавме прилика да присуствуваме и да ви пренесеме дел од атмосферата преку фотографии.

Марија својата музичка кариера ја започнува уште од предшколска возраст, кога имала само четири години. Учествувала речиси на сите домашни детски фестивали каде освојувала престижни награди и признанија, но исто така ја претставувала нашата земја и на интернационални детски фествали надвор од Македонија.

„Многу сум среќна и на моја огромна чест и задоволство, ќе ја претставувам нашата земја на детската Евровизија во Минск. Подготовките се веќе во тек, работиме со проверен тим и сигурна сум дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло", вели талентираната Марија.

 

Објавено:
15 октомври 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
711 пати