Нашата претставничка на Јуниорската евровизија, Марија Спасовска, ќе ја испее „Дома“, песната со која ќе нè претставува и на сцената на Македонската филхармонија, во рамки на фестивалот за детски песни „Златно славејче“, кој ќе се одржи на 16 и 17 ноември.
Воедно, ова ќе биде и последно претставување на Марија пред домашната публика и пред да замине за Минск, каде ќе се одржи годинашното издание на музичкиот европски натпревар.
Нашата претставничка на 18-ти веќе ќе биде во Белорусија, каде ќе се одвиваат последните подготовки за настапот на големата сцена во Минск-арената на 25-ти месецов.
Инаку, за тоа како ќе изгледа на сцената, се погрижи модната куќа „Елена Лука“, создавајќи фустанче специјално за оваа пригода. Исто така, тимот на познатиот бренд беше задолжен и за нејзиниот изглед во официјалниот видео-запис.
За потсетување, Македонија во првите две полуфинални вечери (23.11 и 24.11) ќе може да гласа за Марија и преку онлајн линк кој дополнително ќе го објавиме.