Фасцинантните креации на првите дами прикажани во новата изложба на Оскар де ла Рента

19 јули 2014

Поранешната прва дама на САД Лора Буш изгледаше прекрасно во софистицираниот фустан до колена во комбинација со бел накит на отворањето на ретроспективната изложба на креации на големиот Оскар де ла Рента во која се изложени и неговите највпечатливи фустани што некогаш ги носеле првите дами.

Прекрасната Лора како омилен го посочи фустанот во сребрена боја со долги ракави креација на маестралниот де ла Рента која што таа ја носеше на инаугурацијата на нејзиниот сопруг Џорџ Буш во 2005 – та година.

„Фустанот беше неверојатен... Едноставно, во комбинација со синиот под во салата истиот изгледаше навистина магично. Кристалите на фустанот направија сѐ да изгледа волшебно и навистина прекрасно и уникатно“, вели поранешната прва дама, Лора Буш.

Прекрасниот фустан на Лора Буш од инаугурацијата на нејзиниот сопруг е само еден од многуте што се изложени во Претседателската библиотека и Музеј „Џорџ В. Буш“ во Далас, Тексас во рамки на ретроспективната изложба на големиот дизајнер: Пет децении на стил.

„За мене, оваа изложба е олицетворение на сето она што Оскар го прави низ годините, без разлика дали се тоа креации за првите дами или пак за сите останати дами. Тој навистина се обидува да разбере што сакаат жените и луѓето воопшто“, вели Алекс Болен, извршен директор на модниот бренд на Оскар де ла Рента и зет на дизајнерот.

Во рамки на изложбата ќе бидат прикажани креации на дизајнерот од почетокот на неговата кариера од 60 – тите години, па сѐ до денеска. Во истата, изложени се прекрасни креации – сопственост на првите дами како Хилари Клинтон, Ненси Реган, Лора Буш и други.

Објавено:
19 јули 2014
Категорија: 
Актуел