Годинешното доделување на наградите во рамки на манифестацијата „Сајт на годината“, која по шести пат се одржува во организација на Media Solutions, на Fashionel.mk му донесе нова награда и тоа благодарение на вашите гласови! Нашиот портал е победник во категоријата Сајт со најдобар дизајн за 2015 година.
И вистина, ние оваа година го „облековме“ сајтот, во нова, помодерна „облека“, со цел да бидеме поблиску до светските модни портали и стандарди.
Но, формата не би била ништо без содржина, па секојдневно се трудевме да понудиме различни и квалитетни содржини, да ве информираме, едуцираме и да ви го свртиме вниманието за работи што понекогаш ви изгледаат и површни, а не се, да загребеме токму под површината.
Ви благодариме што го препознавте тоа и што со овие гласови ни ја покажавте вашата доверба и согласност дека на вистински начин сме ја сработеле работата.
Минатата година ја заокруживме со признанието за еден од најдобрите мобилни сајтови, а оваа година со признание дека сме сајт со најдобар дизајн. Нашата амбиција нема да стивне, ќе се трудиме да бидеме уште подобри, а се надеваме дека и понатаму успесите ќе ги прославуваме заедно.
Благодарност од целиот тим на Fashionel.mk до сите што придонесоа за ова признание и им честитаме на добитниците од сите категории.