Точно напладне оваа сончева сабота започна second hand шопингот во кафулето „Олдскул“ каде се собраа голем број луѓе со полни кеси облека за размена и донирање.
Како што претходно најавија, единствениот услов за денешниот second hand шопинг беше секој да донесе нешто свое, претходно добро испрано, да го остави во пунктот во кафулето и да си земе нешто по своја желба.
За акцијата да биде уште подобра, имаше голем број на луѓе кои носеа многу облека, но не земаа ништо за себе, туку едноставно сакаа облеката да биде донирана.
„Првичната идеја беше да размениме работи помеѓу себе, бидејќи имаме многу девојчиња кои се заинтересирани за тоа, но потоа дојде до момент да направиме јавен настан на Фејсбук и работата ескалираше. Дојдовме до идеја да биде малку пошироко и малку поопшто и како што гледате, има голем одѕив. Малку сме во паника бидејќи не очекувавме толку луѓе, но сето тоа е супер бидејќи целата облека оди за самохрани мајки и за многу дечиња кои немаат што да облечат. Сѐ што ќе остане, сѐ што ќе биде донирано, ќе биде спакувано и ќе го донираме на организацијата за самохрани мајки „Една може“. Сакавме малку да ја покренеме свеста и затоа направивме ова да биде еден вид размена на облека, а не класично донирање облека, бидејќи не секој сака да донира. Како што гледате добро ни оди“, велат од кафулето „Олдскул“ каде и се јавила првичната идеја.
Оттаму додаваат и дека ова го прават за прв пат, иако досега сме биле сведоци на многу хуманитарни забави во ова кафуле за различни цели.
„Сметаме дека ова може да прерасне во традиција и ние сме подготвени да го правиме барем еднаш месечно. Немаме никаква заработувачка од ова, на крајот на денот сите подготовки се наши, не очекуваме ништо за возврат освен тоа луѓето да се среќни и да си одберат нешто за себе и да донираат пред сѐ“, додаваат оттаму.
Целата облека што ќе се донира во текот на овој викенд ќе биде уредно спакувана и однесена во организацијата за самохрани мајки „Една може“, а како што велат од „Олдскул“, ова може да е само почеток на нешто навистина убаво.
Акцијата започна денес напладне и ќе трае до 19 часот вечерва, а доколку не стигнавте да донирате облека оваа сабота, истото можете да го сторите и утре повторно од 12 до 19 часот.