Фондацијата Елена Лука благодарение на позитивното искуство од минатогодишниот проект „Економско зајакнување на самохрани мајки", реши и годинава да го продолжи со селекција на пет нови самохрани мајки кои ќе бидат поддржани со грантови од 100.000 денари.
Денеска во просториите на фондацијата беше организирана средба помеѓу петте селектирани кандидатки и основачот на фондацијата, г-ѓа Елена Пандева, на која имаа можност и лично да се запознаат и да разменат мислења и искуства.
Директната поддршка која фондацијата им ја обезбедува се состои во набавка на техничка опрема, материјали за работа или обезбедување обуки, во вредност од 100.000 денари.
„Со оглед на успешните резултати од проектот „Економско зајакнување на самохрани мајки" што фондацијата Елена Лука прв пат го објави минатата година, решивме оваа година да го продолжиме со избор на пет нови самохрани мајки кои финансиски ќе ги помогнеме со грантови од 100.000 денари. Според искуствата на кандидатките што ги одбравме минатата година, ова се покажа како еден навистина ефикасен начин на економско зајакнување на самохраните мајки, па верувам дека ќе имаме уште еден нов успешен проект кој ќе зборува за нови позитивни искуства. На денешнава средба со петте одбрани кандидатки можам да резимирам дека го направивме вистинскиот избор, со оглед на тоа дека секоја од нив има прецизна идеја како ќе ја инвестира финансиската помош која ќе ја добија преку фондацијата. Повеќето од нашите селектирани кандидатки веќе имаат постоечки бизнис кој во различен аспект ќе го надоградат преку грантовите, но имаме и кандидатки кои имаат бизнис идеја чија реализација стартува токму со добивањето на грантот. Сакам да им честитам на сите храбри жени кои успеваат да се соочат со сите премрежја на животот и искрено им посакувам големи успеси што благодарение на нивната упорност и умешност, несомнено ќе ги постигнат", изјави г-ѓа Пандева.
Петте селектирани кандидатки што најмногу ги исполнуваа условите и ќе ги добијат грантовите од вториот проект, се: Силвана Кицова (Кавадарци), Дороти Пачкова (Скопје), Снежана Трајковска (Битола), Зорица Алексова (Радовиш), Александра Димишкова (Штип).
Со нив имавме можност да поразговараме по завршувањето на средбата, па ја искористивме можноста да ги прашаме како планираат да ги инвестираат средствата што преку овој проект ќе им ги донира фондацијата Елена Лука.
Силвана Кицова (Кавадарци) -Јас започнувам комплетно нов бизнис со трговија на мало со здрава органска храна. Ова е работа која навистина сакам да ја работам, лично живеам здрав начин на живот и сакам да бидам и пример за другите. Мислам дека во Кавадарци е дефицитарен еден ваков бизнис и затоа сметам дека го започнувам во вистинско време. Овој грант што ми го обезбеди фондацијата Елена Лука за што сум неизмерно благодарна, ми е од огромна помош, со оглед на тоа дека започнувам нов бизнис.
Дороти Пачкова (Скопје) – Во однос на поддршката која фондацијата Елена Лука ја дава, можам да кажам дека на сите ни е од непроценливо значење. Конкретно јас средствата ќе ги вложам во веќе постоечкиот бизнис со органска козметика, како и автоматизација на „Една може" со што ќе бидеме во можност да вработуваме и повеќе самохрани мајки. Морам да дополнам дека поддршката која ја добиваме од Фондацијата Елена Лука е во повеќе аспекти, не само преку овој проект. Ние и претходно сме соработувале низ проекти кои ги зајакнуваат капацитетите на самохраните мајки, а ова е еден пример што значи женска солидарност.
Снежана Трајковска (Битола) - Јас долги години се занимавам со сточарство, како семеен бизнис и средствата што ги добив ќе ги вложам во проширување на истиот, односно за доградба на шталата. Тоа ќе ми овозможи поголем капацитет и проширување на бизнисот. Не се плашам од работа, а грантот што го добив од фондацијата за мене е дополнителен мотив и стимулација да продолжам да го надоградувам тоа што веќе го имам.
Зорица Алексова (Радовиш) – Веќе 20 години имам семеен бизнис во угостителскиот сектор, односно пицерија, каде имам голема потреба од машина за размесување на тесто, а тоа многу ќе придонесе за зајакнување на мојот бизнис. Благодарение на 100.000 денари помош од фондацијата Елена Лука, мојата идеја конечно ќе се разлизира. Посебно ми е мило и ми е чест што сум денеска овде и што сум помеѓу петте избрани кандидатки.
Александра Димишкова (Штип) – Јас сум самохран родител на три деца. Имам 15-годишно искуство во козметичкиот бизнис, а пред една година отворив свој салон. Со грантот што го добив од фондацијата Елена Лука, планирам да го проширам бизнисот со тоа што ќе набавам нови апарати и со тоа ќе се прошири асортиманот на услуги. Многу сум среќна и задоволна и упатувам голема благодарност до г-ѓа Елена Пандева.
Им посакуваме успех во реализирањето на нивните професионални цели.