Самохрани мајки ќе развиваат свој бизнис со поддршка од Фондацијата „Елена Лука“

23 јуни 2016

Преку проектот „Економско зајакнување на самохрани мајки", Фондацијата „Елена Лука" ќе им обезбеди техничка поддршка во вредност од 100.000 денари неповратни средства на шест самохрани мајки што ќе им помогнат да започнат нов или да го развијат веќе постоечкиот бизнис.

Вчера во просториите на Фондацијата им беа доделени ваучерите и беа потпишани официјалните договори со кои шестте жени од различни делови на Македонија ќе добијат техничка поддршка прилагодена на потребите на нивните бизнис идеи.

Се работи за проект во кој преку јавен оглас имаа можност да се пријават сите самохрани мајки кои сакаат да вложат во развојот на сопствениот бизнис или да започнат нов, а се однесуваше на целните општини: Велес, Струмица, Битола, Ресен, Тетово и Скопје.

Како што посочуваат од Фондацијата, селекцијата на самохраните мајки е направена врз основа на неколку критериуми: оддржливост на бизнисот или бизнис идејата, концептот, целта, програмата...

Основачот на Фондацијата, г-ѓа Елена Пандева на непосредниот состанок разговараше со жените за нивните бизнис идеи и планови на кој начин би ги искористиле средствата.

„Имавме убава средба, неформален разговор во пријатна атмосфера. Јас сум презадоволна што денеска го заокруживме процесот што траеше неколку месеци. Имаше многу емоции, што донекаде и беше очекувано. Жените се полни со благодарност, радост и надеж, за што посебно ми е драго. Претходно се информиравме за нивните желби, можности и услови, тимот на Фондацијата беше и на терен, така што на оваа средба покрај официјалниот дел, имавме можност уште еднаш директно да поразговараме за нивните понатамошни планови – изјави основачот на Фондација „Елена Лука" , Елена Пандева.

Таа додаде дека замислено е овој проект да продолжи и понатаму, и дека не се сомнева дека овие жени ќе успеат во своите цели.

-Ова се жени, самохрани мајки, за мене жени лавици, големи борци. Нема сомнение дека ќе успеат во она што сакаат да го работат, а се работи за различни области на дејствување.

Елена Доленц, Благородна Донева, Верица Гугинска, Кети Ночевска, Марина Ѓорѓиевска и Феџиде Билибани, се шестте самохрани мајки на кои Фондацијата ќе им обезбеди техничка поддршка за нивните бизниси. Fashionel разговараше со нив за нивните идни планови, како би ја искористиле поддршката од фондацијата и во кој сегмент би ја насочиле.

Елена Доленц

-Имам позитивни впечатоци, секако и очекувања. Многу сум благодарна за оваа можност. Очекувам дека сѐ ќе биде во најдобар ред и дека со средствата што ќе ни ги додели Фондација „Елена Лука", да основам свој бизнис, кој ќе биде успешен. Бидејќи најмногу работам со накит, средствата ќе ги наменам за нови материјали, за подобри алатки - изјави Елена Доленц од Скопје.

Марина Георгиевска

 -Денеска поминавме многу убаво, во една пријатна и пред сѐ пријателска атмосфера, и навистина ми значи храброста што ни беше упатена и лично од госпоѓата Елена Пандева, како и од целиот тим. Сметам дека ова е голем поттик да се бориме на патот што ни следува. Мислам дека ќе направиме големи промени, пред сѐ кај самите нас, како и кај бизнисите што ги водиме – изјави Марина Георгиевска од Битола, дипломиран дефектолог.

Нејзиниот бизнис е училница за деца со посебни потреби, па вели средствата што ќе ги добие ќе бидат наменети за создавање на што подобри услови.

-Парите ќе ги насочам во материјали што ќе го подобрат развојот на дечињата што имаат потешкотии во развојот. Пред сѐ станува збор за опрема што го подобрува развојот на грубата моторика и фината моторика. Така што, сметам дека заеднички, ќе направиме едно добро дело, пред сѐ за децата, а и за нивните семејства – потенцира Марина.

Кети Ночевска

-Презадоволна сум! Многу сум благодарна на Фондацијата и Елена Пандева што со средствата што ќе ни ги дадат, ќе ни помогнат да ги унапредиме своите бизниси, да продолжиме понатаму. Токму затоа, сакам и на Фондацијата и целиот тим да им посакам многу успеси понатаму – рече Кети Начевска од Ресен, која се занимава со трговија и средствата ќе ги насочи кон проширување на бизнисот.

Благородна Донева

-Денешните впечатоци се прекрасни како и контактите што ги остваривме со Фондација „Елена Лука". Многу сум задоволна и од начинот на кој функционира, како и од поддршката што ни ја даде целиот тим. Идејата за ваков проект, да ги започнеме или унапредиме бизнисите е одлична. Средствата ќе ги наменам во набавка на опрема и технички материјали потребни за изработка на производите – од текстилен материјал до машини – ни објасни  од Велес, етно-креатор што изработува сувенири и македонски носии.

Верица Гугинска

-Пред сѐ огромно благодарам до Фондација Елена Лука", за иницијативата и за тоа што од толку многу пријавени жени, јас бев меѓу одбраните. Морам да признам дека не очекував ништо слично. Никогаш никој во животот за ништо не ми помогнал, па оттаму и мојата преголема благодарност. А за начинот на кој што бевме тука пречекани, и начинот на кој што луѓето овде се поставија со нас, не може да се опише со зборови. Воодушевена сум од пријатноста и топлиот пречек – искрена е  од Струмица.

Средствата што ќе ги добие од Фондацијата во рамки на проектот за „Економско зајакнување на самохрани мајки" ќе ги намени за обезбедување средства за шминка и маникир.

-Сакам да ги искористам средствата за обуки, за совладување на нови техники, за набавка на опрема... Едноставно, за усовршување, за да можам да одговорам на барањата на клиентите и да бидам во чекор со трендовите.

Феџиде Билибани

-Би сакала да започнам со свој бизнис, да отворам фризерски салон. Сметам дека сум способна за тоа. Од претходно имам мало искуство, така што средствата сега ќе ги насочам кон отворање на салонот и обуки. Со тоа ќе им обезбедам и подобар живот на моите деца, па навистина сум благодарна што ми е овозможена ваква шанса од страна на „Фондација Елена Лука", изјави Феџиде Билибани од Тетово.

За потребите на овој проект, Фондацијата соработува и со Агенцијата за поддршка на претприемништвото, преку која жените ќе добијат бесплатни консултантски услуги што ќе им помогне за подобро позиционирање на пазарот.

Овој позитивен пример нека биде мотив за вложување во општествената одговорност на сите кои имаат можност на било каков начин да го подобрат секојдневието на луѓето на кои им е потребна помош.

Објавено:
23 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.226 пати