Големи очекувања од ревијата на Вивиен Вествуд во Будва

31 мај 2014

Авангардната британска дизајнерка позната како „панк кралица“ во модната индустрија, Вивиен Вествуд, оваа сабота (31 мај) ќе одржи своја ревија во Будва, Црна Гора со што преиодов ова ќе биде највозбудливиот централен моден настан на Балканот.  Fashionel ќе ја има можноста  директно да  го проследи големото модно шоу и да  ви ја  пренесе атмосферата и импресиите од прва рака.

Дизајнерката ќе презентира осумдесетина машки и женски модели од нејзината последна колекција, но исто така ќе видиме и ретроспективни парчиња од претходните колекции.

Модната ревија е во рамките на иницијативата „Climate Revolution",  преку  која дизајнерката потенцира на  политичкиот  и еколошкиот активизам, а од истата,   настојува да ја подигне еколошката свест кај луѓето. Претставувањето ќе се одржи пред ѕидините на Стариот град во Будва, а просторот ќе биде преадаптиран наменски за ревијата што  ќе биде презентирана во затворена конструкција. Таквиот принцип  бил и основното и примарно  барење од  тимот на Вествуд,  доставен  до организаторите на настанот, агенцијата Murano Montenegro. Тие информираат дека бројот на гости е ограничен на 440 вип личности.

Дел од колекцијата есен-зима 2014 Дел од колекцијата есен-зима 2014

Од Murano Montenegro најавуваат дека за потребите на модниот спектакл ја ангажирале една од најактулните стилистки,  Claudia Behnke, која претходно освен со Вивиен Вествуд соработувала и со имиња како Том Форд и Алберта Ферети.

Деновиве,  агенцијата организираше и кастинг за модели кои покрај од Црна Гора, строго ќе бидат селектирани и од Србија и Хрватска, а триесетина од нив ќе имаат можност да зачекорат на писта во култните парчиња на Вествуд.

Дел од колекцијата пролет-лето 2014 Дел од колекцијата пролет-лето 2014

Доаѓањето на дизајнерката во Будва е се’ уште неизвесно, бидејќи Вествуд е позната по тоа дека избегнува летање со авион, но она што го потврдија организаторите е дека на настанот ќе бидат присутни нејзините соработници Giorgio Ravasia и Andrea Austoni.

Вествуд во кампања за ПЕТА Вествуд во кампања за ПЕТА

По завршувањето на модното шоу, следниот ден дизајнерските парчиња ќе бидат изложени во луксузниот хотел „Splendid“ каде заинтересираните ќе можат да си го купат омиленото од „бабата  на панкот“.

Во своето четиридецениско искуство како дизајнер, Вествуд трасираше свој препознатлив правец во светската модна индустрија, создавајќи современи модни тенденции од различни историски периоди кои најчесто се нејзиниот извор на инспирација, секогаш со помалку или повеќе нагласена панк нота која како супкултура е нераскинлива профилна карактеристика од нејзиниот личен идентитет.

Покрај нејзиниот нескротлив дизајнерски темперамент, Вествуд со години е и политички и еколошки активист, секогаш настојувајќи  преку својот моден дизајн да испрати општествено значајна порака за климатските промени и зголемување на човековата еколошка свест.

Бидете во тек со Fashionel и очекувајте интересни и впечатливи моменти од Будва.

Фамозната шапка на Фарел Вилјамс од Вивиен Вествуд Фамозната шапка на Фарел Вилјамс од Вивиен Вествуд

Огнено црвената коса долго време беше нејзин заштитен знак Огнено црвената коса долго време беше нејзин заштитен знак

 

Објавено:
31 мај 2014
Категорија: 
Актуел