Гучи ресорт 2014: Колекција за бегство од градот

30 мај 2013

Дизајнерката на етаблираниот моден бренд Гучи, Фрида Џанини, инспирацијата за ресорт-колекцијата за 2014 година ја најде во Бразил. Живописноста на Рио де Женеиро во потполност може да се забележи во колекцијата која и самата дизајнерка ја опиша како есенцијална облека за бегство од градот.

Гламурот на Гучи овој пат се пресретнува со разиграната сензуалност во флуидните, опуштени сулуети. Свилените фустани со дезени со срце и шифонските со точки се лајт мотиви на колекција во која дизајнерката отворено си поигрува со иконографијата на плажата. На панталоните со висок струк може да се забележат дезени на отворени чадори за сонце. Широките туники комбинирани се со панталони со широки ногавици, со што се продолжува т.н. пижама лук, особено популарен пролетва.

Иако кроевите се мошне опуштени и изработени од квалитетни и од рафинирани материјали, како кашмир, свила и крзно, сепак откриваат дека се работи за многу луксузна и скапа колекција. Дизајнерката не бега ниту од уште една типична карактеристика на луксузот, а тоа се светкавите материјали, кои благодарение на опуштените кроеви изгледаат префинето.

Откако во 2005 година Џанини се приклучи кон Гучи, во ресорт колекцијата за 2014 година, нејзиното име за првпат се појавува и на едно од парчињата.

Објавено:
30 мај 2013
Категорија: 
Актуел