За костимите во најновото остварување на Вуди Ален, „Magic In The Moonlignt“, каде главните улоги ги толкуваат Ема Стоун и Колин Фирт е задолжена Соња Гранде. Дејствието е сместено во во бурните 1920-ти, декада што ги донесе спуштените половини, фустаните со фалти, па кога е облеката во прашање, филмот ќе презентира и повеќе од што можеме да очекуваме, најавуваат од тимот.
-Дваесетите години на минатиот век беа почеток на слободата. Модата веќе не беше диктирана од аристократите, туку филмските ѕвезди, уметниците, сликарите, писателите, фотгорафите, џез музичарите - сите бараа нови форми на изразување во прекрасниот Париз. Модата во 1920-тите ја претставува слободата, модерното и ослободувањето и може да се рече дека на еден начин е и почеток на демократизацијата на модата - објаснува Соња.
Но, на страна приказната околу демократијата, да се пренесат костимите автетнтично и да се рекреира тој период не е воопшто лесна задача, па Гранде прецизно истражувала со цел работите да бидат токму како што треба.
- Започнавме истражување на светско ниво, контактиравме колекционери, аукционери, изложби, маркети, винтиџ продавници во Америка, Шпанија, Италија, Бугарија, Англија, Канада, Франција и Хонг Конг. Морам да кажам дека беше фантастично да се „спасат“ некои од тие парчиња и да им се даде втора шанса. Оригиналната облека создава неопислива енергија во атмосферата на филмот. Но, да се добие тој квалитет во само пет недели е мошне комплицирано. Затоа ги дизајнирав костимите со цртежи и визуелни референци, за да можам да направам дел од нив, а потоа и да најдам најсоодветни винтиџ парчиња за да ја комплетирам еволуцијата на женските ликови - открива костимографката.
Еден од женските ликови е особено важен, оној што го толкува Ема Стоун.
- Таа е прекрасна, спонтана и актерка која е отворена за нови искуства. Работењето со неа беше големо задоволство, но и забава. Секогаш се трудам да ги вметнам и актерите во дизајнерскиот процес, затоа што нивните костими се нешто што во голем дел ги одредува нивните ликови, па важно е текстот и визуелната претстава да се усогласени. Важно е комуникацијата меѓу овие два дела и идеи меѓусебно да се усогласи и поткрепи. Но, токму во комплицираноста е и убавината - вели Соња.