Календарот на Пелистерка за 2015 како Playboy

24 декември 2014

Македонската компанија за вода и безалкохолни пијалоци, Пелистерка, денеска и официјално го промовираше петтиот, традиционален календар кој како и секоја година, така и оваа претставува симбиоза на убавите жени од Македонија и бенефитите на водата.

„Најголемиот проблем е секогаш изборот на девојките. Тоа е една слатка мака која што ние ја имаме секогаш кога ќе почнеме да се занимаваме со календарот на Пелистерка, а официјалните подготовки за негово снимање почнуваат во јуни месец. Календарот се подготвува шест месеци. Ова е наш многу драг проект за кој размислуваме многу и ни значи да биде како што треба и му посветуваме многу време, енергија и труд“, ни откри Жарко Богатинов, лице за односи со јавност во компанијата, кој додаде дека концептот за фотографиите - приказни на календарот, е производ исклучиво на менаџерскиот и креативен тим на Пелистерка.

Сензуалноста на водителката Марјана Станојковска и провокативноста на пејачките Аделина Тахири и Тамара Тодевска, дефинитивно се во преден план на најпосакуваниот календар во државата. На денешниот прес по повод промоцијата на ексклузивниот календар за 2015 година, се појавија Аделина Тахири и Марјана Станојковска.

„Ми беше чест и задоволство да соработувам со  толку професионален тим и со една успешна компанија како што е Пелистерка и затоа крајниот резултат е одличен. Лично сметам дека моите фотографии не се премногу провокативни и се во некоја граница умерени во однос на сексапилот. Тамара е дефинитивно најпровокативна овојпат и навистина и честитам на смелоста и храброста“, вели Тахири која вети дека своите обожаватели наскоро ќе ги израдува со видео запис за новата балада, но и нов носач на звук.

Лото девојката Марјана Станојковска е навистина задоволна и пресреќна што е дел од календарот за 2015 година. За неа клучниот момент за успешен производ е професионалноста на целиот тим.

„Фотографирањето е како танцување танго, значи ништо не ви е важно во тој момент, постоите само вие и фотографот, многу е важно да се има таа доверба и да постои таа конекција, а јас во Чедо Поповски имам огромна доверба и тоа мислам дека е најважно за да излезе добра фотографија. Омилен ми е месец мај, затоа што тогаш е и мојот роденден. Таа фотографија ми се допаѓа затоа што е од последниот сет, значи имавме четири различни сета, снимавме два дена и најубаво се чувствував таму, можеби затоа што беше последна фотографија и од тој сет излегоа навистина голем број фотографии, но за жал мораше да се одбере само една“, ни кажа Станојковска.

Кадрите се фотографирани во базата на компанијата Пелистерка во Битола, која е најсовремениот и најсофистицираниот комплекс за безбедно полнење и пакување на вода со европски сертификати. Сексапилните девојки се контратежа за дел од најгрубите фабрички погони.

Пелистерка, останува доследна на својата позиција како лидер во својата индустрија, но и како општествено одговорна компанија која се грижи за генералниот бенефит. Компанијата ги насочува планираните финансиски средства од предновогодишната промоција, за набавување на медицински апарати за клиниките во Скопје, Тетово и Битола.

„Со оглед на константно високото ниво на загаденост  и ефектите по здравјето на жителите во овие три големи градови во Македонија, заклучивме дека е далеку поприоритетно да овозможиме набавка на апарати за константно мониторирање на состојбата на загрозените пациенти, пред се на децата, кои се најподложни на реакции по временските промени. Станува збор за мобилни апарати од типот МР (MindRay), кои овозможуваат следење на пациентите низ различни точки од медицинската нега и вклучуваат широк обем на медицински параметри за набљудување“, велат од компанијата.

Вредноста на вкупната донација е околу еден милион денари, а во секоја од клиниките во Скопје, Битола и Тетово ќе биде доставена како пред Божиќен подарок од Маријана, Аделина и Тамара, заштитните лица на Пелистерка за оваа 2015 година.

 

Објавено:
24 декември 2014
Категорија: 
Актуел