Кој ѝ рекол НЕ на Џеки Кенеди?

22 октомври 2015

Многу пред да се појави книгата и трендот на Humans of New York, фотографите правеле кариера благодарение на фотографирањето на уличниот стил. Еден од нив е и Чарлс Трауб, кој секојдневно ги фотографирал луѓето во Њујорк, Чикаго и другите градови ширум светот. Досега има објавено неколку книги, а во последната Lunchtime, се објавени фотографии од 1977 до 1980 година и тоа за првпат.

Трауб за магазинот Elle сподели неколку искуства, како и за тоа како ја одбил Џеки Кенеди. Еве дел од разговорот:

На улиците секојдневно се среќава со голем број луѓе, но за тоа како одлучува кому ќе му пристапи за фотографија вели:

-Тоа може да биде белег, насмевка, главата или едноставно аурата на личноста. Не можам да кажам точно што, но повеќето што сум ги застанал било од љубопитност. Можам ли да се поврзам со личноста?

Трауб додава дека комуникацијата помеѓу експресиите и индивидуата, како и средбата лице в лице со друг човек е она што посебно го интригира и инспирира.

Сепак, во многуте средби имал и една што се издвојува. Средбата со Џеки Кенеди Оназис.

-Таа застана и сакаше да ја фотографирам. И јас реков не. Не бев заинтересиран за фотографирање на познати личности, туку за обичните – искрен е фотографот.

Тој се осврнува и на стиловите и на тоа како низ годините постојано кружат и се враќаат.

-Големи очила, светли бои. Луѓето најчесто се облекуваат според она што е сега актуелно. Генерално, глобализацијата, лежерноста и желбата да личат едни на други, по сè изгледа ги затрупува. А јас под стил мислам на чувство што произлегува од индивидуата. Не мислам на мода – потенцира Трауб.

Неговата најнова книга не содржи зборови, описи или било каков друг контекст. Само фотографии.

-Фотографиите треба да зборуваат сами за себе. Ова е театар на улица. Нека секој го види она што сака да го види и добие од маските што сите ги носиме.

Она што е многу интересно е што самиот Трауб е еден од фотографираните ликови во Humans of New York, како анонимна личност.

-Улицата е најјавното место каде сите доаѓаме и си одиме. Тоа е најдоброто место каде што ако сте вистински заинтересирани за човештвото можете да најдете сè што ве интересира. Моето уверување е дека луѓето сакаат да ги препознаваат, и ако им пристапите соодветно, секој може да биде фотографиран, бидејќи секој е подготвен да биде препознаен кога е во јавност – вели фотографот.

Она по што е препознатлив Чарлс, се портретните фотографии и тоа од многу блиску.

-Јас не сум моден фотограф и никогаш не сум бил заинтересиран за тоа. Причината зошто токму сега ги објавувам фотгорафиите од овој период е што тоа се фотографии што ретко можат да се видат и направат денес. Ние ги изгубивме убавите вибрации и уникатноста на нашите улици ширум светот- смета Трауб.

Објавено:
22 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.281 пати