Фотографскиот блог Humans of New York има преку 14 милиони следбеници на социјалните мрежи, a приказните на луѓето од Њујорк го привлекоа вниманието на луѓето насекаде низ светот.
Зад овој блог стои 31-годишниот Грузиец, Брендон Стантон. Тој е човекот што ги фотографира и ги забележува нивните приказни. Беше гостин и кај Елен Деџенерис, каде откри дека не сакал отсекогаш да биде фотограф. Во тинејџерските години имал бројни интереси и хобија.
Живеел и работел во Чикаго, но откако добива отказ, сè што му останува е убав апарат, кој го купува поради потребите на претходното работно место и одлучува да земе малку време и да патува низ различни места. Почнал да фотографа сè повееќе, а кога дошол во Њујорк Сити, забележал многу интересни ликови, па почнува да фотографира портрети на странци, што ги среќава на улица.
Така доаѓа на идеја да отвори блог, а првичната цел била да собере 10.000 портрети.
Сè започнало како моментално, импулсивно патување, а сега е еден влијателен уметнички проект кој допре до животите на милиони луѓе.
Оригиналната замисла на Стантон била портретите да бидат инкорпорирани во интерактивната мапа на Њујорк Сити, па секој да има можност да види какви луѓе живеат во различни населби во Њујорк. Но многу бргу проектот почнал да живее сам. Не само што ги фотографира, туку оние што ќе застанат пред неговиот објектив ги прашува и по неколку едноставни прашања за нив, нивниот живот, а одговорите потоа ги постира заедно со фотографиите.
За Брендон тоа претставуваи вежба да не ги сфаќа работите премногу лично.
- Не секој е расположен да застане пред камера, некој има лош ден, некој има тежок карактер, но тоа не значи дека ти правиш нешто погрешно. На почетокот само еден од тројца луѓе застануваше да позира. Со тек на време, го усовршував мојот пристап, а и блогот почна да станува познат, па беше полесно. Сега двајца од тројца застануваат, но не верувам дека ќе се подобри тој резултат. Сè што им кажувам е „Ќе може ли да ве фотографирам“. Наједноставно, позитивно и смирено. Но, мислам дека повеќе е до енергијата. Во Њујорк 90 проценти од луѓето што ќе ве застанат сакаат нешто - да ја сослушате промоцијата, да купите нешто, да пробате нешто. И тоа веднаш се чувствува. Кога ќе ви пријдат, веднаш знаете дека сакаат нешто и имате одбивност. Мојата предност беше што не им барам ништо за возрват. Сакам само разговор - објаснува фотографот.
Тој додава дека во разговорот бара нешто што никаде претходно не го слушнал.
-Како некој вид совет, нешто што ќе го запаметам. Некогаш ми успева од прва, некогаш ми се потребни 15 минути разговор за да дојдам до нешто. Нешто уникатно, што сосема соодветствува со личноста што ми го кажува. Кога ќе го добијам тоа, го објавувам. Ова што јас го работам може да се работи на било кое друго место на планетата, затоа што сè е во приказната. Но, Њујорк е посебен бидејќи за многумина е првото место што го посетуваат кога доаѓаат во САД. Има различност во секој поглед - културолошки, стилски, филисофски...
Момчето на фотографијата подолу, се вика Видал и неговата приказна стана една од најпознатите од овој блог. Брендон го сретнал во Бруклин и откако Видал се согласил да се фотографира, требал да одговори на прашањето, што го инспирира најмногу. Стантон не можел ни да претпостави дека одговорот на Видал ќе биде почеток на серија случувања што ќе допрат безброј животи.
-Мојата директорка Надија Лопез е највлијателната личност во мојот живот. Кога ќе се вплеткаме во неволја, таа не нè суспендира, туку нè повикува во нејзината канцеларија и ни објаснува како функционира општеството. Ни вели дека секој пат кога некој од нас ќе згреши или нема да дојде на училиште, нова ќелија е изградена. Еднаш ги натера сите ученици да станат и кажа дека секој од нас вреди – му раскажа Видал на Брендон.
Она што Видал не го знаел тогаш е дека Лопез се борела со и за својата работа и почувствувала дека треба да даде отказ. Само неколку дена откако ѝ ги соопштила стравовите на мајка си, Лопез ја видела изјавата и фотографијата на Видал на Humans of New York и сè заземало поинаков, подобар тек.
Лопез и Стантон се запознале и одлучиле преку популарноста на овој проект да соберат средства за учениците на Mott Hall Bridges Academy. Успеале да соберат преку еден милион долари, со што на учениците од последната година ќе им овозможат да бидат дел од кампусот на Харвард Универзитетот и на тој начин да излезат од проблематичното маало, да се инспирираат да бидат успешни и амбициозни и тоа на еден од најдобрите универзитети во земјата.
Со ова и уште многу други животни приказни, фотографскиот блог стана многу повеќе од она што беше во почетокот. А Стантон приказните ги обедини и во книга, која се наоѓа на листата на една од најпродаваните во Америка.
Приказната на Видал и неговата омилена директорка Лопез, стаса и до претседателот Обама.
Во продолжение погледнете го видеото од гостувањето на хероите од оваа приказна кај Елен: