Кралицата бесна за Мегзит

9 јануари 2020

Светските медиуми се преплавени со веста дека Меган и Хари си заминуваат од кралското семејство, а „Дејли мејл“ утринава ја пренесе веста дека кралицата Елизабета е бесна за нивната одлука, која во медиумите се нарекува „Мегзит“.

Како пренесува познатиот магазин, таа и останатите членови на кралското семејство не биле информирани за веста и за неа дознале од телевизија.

Близок извор на семејството и Бакингемската палата вели дека кралицата Елизабета, принцот Чарлс, принцот Вилијам и неговата сопруга се длабоко разочарани од овој чекор на војводата и војвотката од Сасекс. Тој потенцира дека со тоа што Хари и Меган не се консултирале со нив пред да ја донесат одлуката им задале „нож во грб“, како и тоа дека нивното однесување кон кралицата последната година е во најмала рака некоректно и покрај целата поддршка што им ја дава.

Сепак, вчера и тие излегоа со официјално соопштение во кое се вели:

„Разговорите со војводата и војвотката од Сасекс се во рана фаза. Ја разбираме нивната желба да одат по друг пат, но ова се комплицирани работи, за чие решавање е потребно време“.

Еден од помошниците во палатата, изнервирано изјавил за „Дејли мејл“: „Луѓето се повлекоа наназад, за да имаат што ќе посакаат. Им дадоа венчавка каква што сакаа, куќа каква што сакаа, работен простор каков што сакаа, парите што ги сакаа, помошниците што ги сакаа, турите што ги сакаа и притоа ја имаа поддршката од целото семејство. Што уште сакаат?“.

„Сосема е некоректно кон кралицата, која не заслужува да биде вака третирана. Ова е срамота. Семејството разбира дека сакаат да направат нешто поинакво и сите се подготвени да им помогнат. Луѓето се уништени“, вели друг извор близок до семејството.

Инаку, во текстот уште се вели дека двојката скришно ја донела нивната одлука за време на престојот во Канада, а дури и подготвиле нова веб страна, која ќе функционира посебно од онаа на кралското семејство, која треба да биде пуштена во употреба откако ќе се врата. Сето ова било без знаење на нивниот лојален новинарски и ПР тим во Британија.

И покрај тоа што на социјалните мрежи им стигнуваат голем број пораки за поддршка, сепак работата воопшто не е така едноставна.

„Тие имаат чувство дека сите се против нив и дека се сами против сите. Како да се во некој чуден меур и имаат чувство дека се опседнати од сите. Како кралското семејство да не ги разбира и поддржува, што воопшто не е така“, вели уште еден од блиските луѓе на Кесингтон палатата.

Луѓето што се блиски до кралското семејство сметаат дека оваа одлука не е добро промислена, особено делот околу финансиската независност,која како што се изјаснија во соопштението, во моментот не им е дозволена.

Имено, Хари и Меган не се откажаа од титулите, ниту од приходите што им следуваат од принцот Чарлс, што е околу 2.5 милиони фунти годишно.  Се откажаа од приходите што ги добиваат од даноците, но го задржаа обезбедувањето кое се плаќа токму од даночниците. Исто така, понудија да вршат значително намален број кралски должности во Британија и Комонвелтот.

Сепак, ќе го задржат домот во замокот Виндзор, што ќе им биде „британска база“, кој беше реновиран со околу 2.5 милиони фунти јавни пари, со оглед на тоа дека планираат да бидат на релација Велика Британија - Северна Америка.

Сето ова доведе до прашања како Меган и Хари ќе заработуваат одделно, што ќе работат? Ќе се врати ли Меган на актерството? Каде ќе живеат? Колку со ваквиот чекор задаваат удар и на народот што ги поддржувал, а од кој ќе се дистанцираат со самото повлекување од семејството како високи членови.

Инаку, после шест недели во Канада, двојката се врати во Лондон, а вчера се појавија во јавноста првпат после одморот. Поводот беше посета на високиот претставник на Канада во Британија, за да му се заблагодарат за гостопримството и поддршката која ја имале за текот на престојот на Канда.

Секојдневно се појавуваат нови информации. Колку изворите од кралската палата се веродостојни и смеат да зборуваат за актуелните случувања е исто под знак прашалник, но она што е сигурно е дека промените и бурата во кралското семејство допрва доаѓа. 

Каков ќе е развојот на настаните и ќе успеат ли да се договорат или ќе биде почеток на крајот на долгогодишната традиција, останува да видиме.

Објавено:
9 јануари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
5.750 пати