Таа е повеќе од 25 години дел од модниот свет и со своето импресивно работно портфолио докажува зошто ѕвездената магија постојано е дел од нејзиниот живот. Кристи Тарлингтон и на 45 години сè уште плени со својот сексапил, митска убавина и заводлива насмевка. Баш поради својата неконвенционалност, професионален пристап и безвременска убавина се најде на насловната на списанието „Портер“.
Таа е дел од армијата супер модели кои ги одбележаа 90-тите славни години. На еден мошне храбар и смел начин им пркоси на годините и секоја нова борба завршува со победа токму за Кристи, а доказ за тоа е и новото фотографско ремек дело што дуото Инез и Винод го создадоа за новиот едиторијал на магазинот „Портер“. Особено впечатливи се фотографиите во црно-бела варијанта каде Тарлингтон позира во крупен кадар, нагласувајќи ги нејзините совршени контури на лицето, неодоливата насмевка, разиграните кадрици на косата и блескавиот поглед.
На една од фотографиите манекенката позира со јакна на која и е подигната јаката, а веќе на друга го маѓепсува фотообјективот носејќи весела шапка. Со минимална шминка и немирните кадрици, Кристи Тарлингтон креира фотографска приказна која потсетува на 40-тите.
Фотосесијата ја придружува и интервју во кое Кристи покрај тоа што открива детали за својот приватен живот зборува и за нејзината работа и хуманитарните проекти. Списанието ќе изезе во официјална продажба на трети октомври и ќе има две насловни страни.