Култни светски и балкански музички имиња во недела на Таксират

3 декември 2014

Македонската публика на годинешното издание на Таксират, ќе има можност да ги види британските панк икони Џи – Би – Ејџ (GBH), кои оваа година ја слават својата 35 – годишнина.

Нивниот настап ќе се случи на 7. декември на бината на „Метрополис Арената“ во Скопје.

„Џи-би-ејџ“ (GBH) е легендарен британски стрит-панк бенд, оформен кон крајот на 1979 – тата година, а денес се запаметени и како предводници на „UK82“ звукот, заедно со “Дисчарџ“ (Discharge), „Броукен Боунс“ (Broken Bones), „Д Екслпоитед“ (The Exploited) и „Д Варукерс“ (The Varukers).

Тие извршија големо влијание врз многу бендови како „Металика“ (Metallica), „Квинс оф д стоун ејџ“ (Queens of the stone age), „Ренсид“ (Rancid), „Слејер“ (Slayer), „Антракс“ (Anthrax), „Нирвана“ (Nirvana) и бројни помлади панк бендови. Уште од моментот на нивното оформување, тие континуирано снимаат албуми и се активни со светски турнеи, сè уште задржувајќи ја огромната база следбеници ширум светот.

Денес „Џи-би-ејџ“, зад себе имаат 11 студиски албуми и работат на материјалот за новиот албум кој ќе биде продолжение на последното издание од 2010 година „Perfume and Piss“.

Покрај „Џи-би-ејџ“, на главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ фестивалот веќе се потврдени и настапите на холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн, култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед Копи“, а наскоро ќе бидат објавени и нови изведувачи.

Denis & Denis Denis & Denis

Она на што особено се радува македонската публика е настапот на музичарот и продуцент Adrian Thaws, на светската сцена повеќе познат како TRICKY кој прв пат ќе настапи на фестивалот, но и воопшто пред македонската публика.

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Актуел