Мајска улична мода: НЕ за тесни фармерки, ДА за боја

7 мај 2021

Со почетокот на мај, ја искористивме шансата да се прошетаме и да видиме како овој месец во кој конечно видовме и убави денови, ги инспирира граѓаните да се дотераат.

Видовме трендови за поздрав, но и комбинации со кои засекогаш би требало да се збогуваме.

Генерално, доминираат комбинации со џинс и патики.

Но, еве што издвоивме ние како позитивен и негативен пример:

ДА:

За патиките: Со оглед на тоа дека пандемијата некако ја наметна удобноста на врвот на модни приоритети, а и со оглед дека патиките се совршен избор за секое годишно време, го поздравуваме нивното зачестено присуство при пролетните комбинации. 

Така на пример, оваа дама која одбрала елегантна црно-бела комбинација, ја усогласила со патики и дала доза на лежерност, а посебно ни се допаѓа што патиките се со панделка - тренди и романтични.

За широк џинс: Видовме лежерни кроеви, широки ногавици, дури и колор-блок џинс, особено кај помладата популација што значи дека се следи што се случува на модната сцена. Лежерните кроеви актуелни веќе сезони наназад, па “релаксиран“ џинс во комбинација со широка кошула е супер модна комбинација.

За ѕвонарки: Забележуваме и присуство на ѕвонарките, како и панталони со шлиц, што исто така се актуелни модни трендови.

За co-ord сетови: Co-ords е кратенка од coordinates, а претставува координиран комплет од горен дел (блуза, дуксер, топ, џемпер) и долен дел (панталони, здолниште) изработени од истиот материјал. Е токму такви примери и тоа успешни можевме да видиме низ улиците на Скопје, а се надеваме дека ќе доминираат уште повеќе бидејќи се работи за супер моден тренд. 

Фустани на риги: Ригите се модна класика и затоа се на врвот на нашата листа на трендови во секое годишно време. Сепак, некако прва асоцијација се пролетно-летните парчиња и токму затоа ќе го пофалиме изборот на неколку дами да се стилизираат токму во фустан со риги. Со овој избор не можете многу да згрешите.

 

НЕ:

За малку скинати фармерки: Ако сакате да носите искинати фармерки, тогаш нека бидат искинаати - а не поткинати. Со вториот избор нема да го добиете саканиот ефект, дури може да изгледа како самите да сте се обидувале да ги направите скинати, ама не ви успеало. Така што, или бирајте навистина скинати или фармерки кои тоа не се, средината овде не е добар избор.

За тесни фармерки: Во претерано тесни фармерки може да изгледате како нозете да ви се вакумирани, затоа избегнувајте такви модели, посебно ако се „цевка“. Не само што не се тренди, туку ни кожата нема да ви биде многу благодарна.

За хеланки: Веќе зборувавме за тоа дека хеланките, без оглед на тоа колку добро ви стојат, сепак се најдобар избор за во сала. Да, и ова е тренд кој го практикуваат сите познати личности - шетање во хеланки насекаде, но колку и да се супер хеланките или маиците, сепак ќе изгледате постојано како да сте на тренинг или за по дома. А доколку одберете памучни, тоа дополнително е лош избор кој може да го нагласи сето она што сакате во други парчиња да го скриете, но во хеланки, од непознати причини, ви изгледа ок.

За премногу долги фармерки + маици на прерамки: Оваа естетика беше актуелна кон крајот на деведесетите и со почетокот на 2000-тите. Сепак, од оваа перспектива, тоа не е добар избор. Контрастот е драстичен, а покрај тоа, премногу долгите ногавици ќе го направат вашето тело визуелно несразмерно - маиците на прерамки во таков контекст - ќе го нагласат тоа уште повеќе, иако во конкретниов пример, фармерките сами по себе гледано, се одлично модно парче, но не и начинот на кој се искомбинирани.

За црни здолништа до колена: Многу од жените 40+ се одлучиле за класично црно здолниште до колена, што е малку досаден и премногу сериозен избор. Да, ова парче треба да е застапено во гардероберот, но сепак денес модата нуди многу повеќе опции, па така заменете го со широко црно миди здолниште - доколку сакате да е црно. Од друга страна, забележавме и жени кои вклучиле принт и боја во изгледот, што е секако за поздрав.

А кога сме кај боите, генералниот впечаток ни е дека, барем со разубавувањето на времето, може повеќе да им дадеме предност на боите и ведрината и покрај тоа што времето во кое живееме и не е баш со голема ведрина.

Ни недостасува повеќе модна храброст, а кај некои ја има пак и премногу. 

Тука не се работи ниту за стандардот и можностите, туку за тоа како ќе ги искомбинираме парчињата. Па во ера кога имаме интернет, социјални мрежи и разни модни платформи и медиуми, има од каде да се видат примери и да се научи за тоа како најдобро да изгледаме со тоа што располагаме.

Во продолжение погледнете ги и останатите фотографии.

 

Објавено:
7 мај 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
14.383 пати