Марија Калас - оперска дива и вистинска модна икона

4 декември 2023

Годинава се навршува еден век од раѓањето на најмаркантната оперска дива Марија Калас, која што покрај неверојатниот глас имаше и одличен моден израз.

Калас е родена на 2-ри декември 1923 година, a токму поради 100 годишнината моментално е актуелен и филмот за Калас, со Аџелина Џоли во главна улога.

Своето музичко образование го започнува во Грција, од каде што и потекнува, а кариерата како оперска пејачка ја продолжува во Италија.

Марија имаше извонреден талент да ја маѓепсува публиката со своите настапи на сцената, да донесе силна имоција со изведбата што никого не оставаше рамнодушен.

На сцената беше гламурозна и елегантна, а моќен моден впечаток имаше и надвор од неа.

Голем број модни куќи од Валентино па сè до Долче и Габана и денес се инспирираат од нејзината уникатна префинетост.

Со мајка и имале комплициран однос, а причина за тоа биле амбициите на жената, која ѝ ги наметнувала на Марија уште како дете.

Во една изјава оперската дива ќе рече дека и било многу тешко кога растела, била прилично крупна со многу акни на лицето и важела за грдо пајче, наспроти сестра и која ја гледале како убавица.

Оваа несигурност изчезнала со годините, а во градење на стилот многу и помогнала нејзината шивачка Елвира Леонарди Бујере од Милано.

Гардерберот на Калас се состоел од 24 крзнени капути, 40 костуми, 200 фустани, 150 пара чевли, најмалку 300 шапки и голем број на ракавици коишто ги носела само по неколку пати.

Марија беше во турбулентна врска со грчкиот тајкун Аристотел Оназис, а и самата важеше за жена со темпераментен дух, кој пак и помогна во легендарните настапи на сцената.

Почина во Париз на 54 годишна возраст од срцев удар.

Легендите живеат вечно, а еве како Марија Калас ќе остане врежана во сеќавањата на сите.

Фото : Pinterest

Објавено:
4 декември 2023
Категорија: 
Модна икона