Мода инспирирана од Ворхол

10 август 2015

Неодамна беа одбележани 87 години од раѓањето на легендарниот Енди Ворхол. Кралот на поп-културата како што го нарекуваат, со својата визија и уметност инспирираше други бројни уметници, а влијанието на поп-културата навлезе во повеќе сфери.

Модата не е исклучок. Дизајнерите честопати посегнуваат по Ворхол и неговите дела кога е инспирацијата во прашање.

„Бутиците се како еден вид музеи“, изјави еднаш Енди, а модните куќи и дизајнери навистина се трудат на што поинтересен начин да ги презентираат своите креации и да останат запаметени.

Токму затоа, одлучивме да ви презентираме неколку модели каде ставовите и делата на овој уметник го извршија своето креативно влијание.

Од маици до чанти, пролетната колекција на Диор, со потпис на Раф Симонс за 2013 година ги вклучи илустрациите на Ворхол од неговите рани години во Њујорк.

Деби Хари, една од музите на Енди, на фотографијата е во друштво на Тери Тој, а двете носат т.н. камуфлажа - креација на Стефен Спроус.

Есенската колекција за 2009 година на Жан Чарлс де Кастелбаџак не само што е инспирирана од поп-арт културата, туку содржи и креации со ликот на Ворхол.

И во пролетната колекција за мажи за 2015 година на брендот Dsquared² може да се почувствува влијанието од познатиот уметник. Еден од примерите е и оваа блуза со насликани мачки.

Марк Џејкобс во пролетната колекција за 2013 година, преку моделите ѝ оддаде почит на ѕвездата на Ворхол, Еди Седвик.

Некои го сметаат Џереми Скот за наследник на Ворхол. Речиси во секоја своја колекција, независно дали е за брендот Москино или негова лична, тој внесува елементи и влијанија од поп-културата. Токму една таква креација е и оваа од зимската колекција за 2014 година, инспирирана од пиво.

Познатите цвеќиња на Едни, се најдоа и во крзнено издание и тоа во колекција на брендот Прада, за пролет 2013 година. 

Во 1991 година, славниот дизајнер Џани Версаче, ги аплицираше портретите на Норма Џин во техниколор на долг, тесен фустан.

Влијанието на Ворхол се почувствува и во пролетната колекција за 2005 година на Џон Галијано, за Dior Couture.

Вивијан Вествуд за својата „Црвена“ линија, се инспирираше од овој поп-арт уметник, но кога е шминката во прашање. Таа одлучи да посегне по уметничкото дело на Ворхол со Елизабет Тејлор.

Препознатливиот камуфлажен принт е дел и од најновата колекција на Том Форд.

Ресорт колекција на Валентино за 2013 година, во голема мера ја содржи палетата на бои која и самиот Ворхол честопати ја користеше.

Поп-арт културата присутна и во колекцијата на Филип Трејси за есен 2003 година.

Дури и Шанел почна да вметнува поп култура во своите модни шоу-а. Супермаркет беше темата на шоуто за колекцијата есен 2014.

Вечерен фустан на Халстон со принт, тропските цветови на Ворхол.

Објавено:
10 август 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
276 пати