Моделот со хиџаб кој ги освои модните писти

24 февруари 2017

Само една недела откако за прв пат се појави на модното шоу на Канје Вест во Њујорк, прекрасната Халима Аден го освојува Милано.

Имено, во тек е миланската модна недела на која своја ревија имаше познатиот бренд Макс Мара на која Халима повторно блесна во полн сјај.

Веднаш потоа, таа чекореше и на пистата на Алберта Ферети заедно со популарната Џиџи Хадид со која сподели и неколку фотографии на социјалните мрежи.

Халима ќе каже дека буквално го живее својот сон и дека не и се верува што постигнала за толку кратко време.

Минатата недела, таа ја доби и првата насловна и тоа за престижниот магазин CR Fashion Book каде уредничка е популарната Карин Ројтфилд која ќе каже дека е менторка на Халима.

„Се чувствував толку моќно кога чекорев по пистата. Џиџи е девојка која е пример за мене, таа е прекрасна. Имавме можност да се дружиме и на снимањето на насловната, а потоа направивме и неколку заеднички фотографии. И да, иако звучи неверојатно, таа почна да ме следи на Инстаграм“, изјави прекрасната Халима.

Таа стана светски позната како девојка која се бори за тоа дизајнерите секогаш да ангажираат млади жени од сите култури за нивните ревии, вклучувајќи ги и оние кои сакаат скромни фустани.

„Сите беа толку добри со мене. Имав посебни барања кога станува збор за мојата гардероба, како резултат на мојата религија и верувања. Морам да кажам дека во ниту еден момент не почувствував притисок дека треба да бидам нешто што не сум и многу сум благодарна за тоа“, додаде таа.

Халима вели дека никогаш не помислувала дека жена што носи хиџаб може да биде модел.

„Додека растев, ниту еднаш не видов жена како мене на телевизија или пак во било кој магазин и се радувам што можам да бидам дел од таа промена“, вели Халима.

Таа беше откриена од Карин Ројтфилд кога за прв пат се појави на изборот за убавина во Минесота. Облечена во хиџаб и буркини, светот ја запомни како млада жена која се бори за она во што верува и сака да ја предизвика модната индустрија да ги смени своите верувања.

 

Објавено:
24 февруари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
765 пати