Модната елита достојно го испрати Оскар де ла Рента

4 ноември 2014

Најпознатите модни уредници, дизајнери, модели, но и блиски пријатели и познаници, присуствуваа на погребот на Оскар де ла Рента кој се одржа вчера во црквата на Менхетен на Upper East Side. Модниот свет му приреди достојно збогум на доминиканскиот дизајнер кој почина минатиот месец во својот дом во Конетикат на 82 годишна возраст, по долгата битка со ракот.

Оскар де ла Рента Оскар де ла Рента

Ана Винтур, Диjан фон Фурстенберг, Мајкл Корс, Дона Каран, Хилари Клинтон, Хју Џекман, Валентино Гаравани, Карли Клос, Метју Бродерик кој дојде без придружба на својата сопруга Сара Џесика Паркер, која е една од музите на дизајнерот, и многу други, дојдоа да бидат од дел од комеморацијата во чест на дизајнерот.

„Додека нашите срца се скршени од идејата дека Оскар не е повеќе со нас, неговиот пат не завршува тука, бидејќи на некој начин тој е дел од сите нас. Основните принципи на кој тој не научи: напорната работа, трудот, креативноста и неговата љубов кон животот, а особено кон професијата вечно ќе бидат дел од личната ДНК на компанијата која го носи неговото име. Сето она што го направивме и постигнавме до сега и сето она кое во иднина ќе го освоиме го следи неговиот дух и почива врз системот на вредности кој тој го оформи. Оскар ни помогна да го пронајдеме патот кој води напред. Затоа, ние ќе продолжиме да го правиме горд, бидејќи знаеме дека неговото заминување не е загуба, туку поттик за освојување нови врвови, стимул за вложување на повеќе труд и многу работа. Тој ни даде толку многу, а ние го почитуваме тоа и знаеме како да му вратиме“, се вели во официјалното соопштение.

Сопругата на Оскар де ла Рента, Анет де ла Рента, заедно со синот Мојсес. Сопругата на Оскар де ла Рента, Анет де ла Рента, заедно со синот Мојсес.

Дизајнерот ја започна својата кариера со облекување на поранешната прва дама на Америка и модна икона Џеки Кенеди во 1960 – тите, потоа дизајнираше фустани за Принцезата од Велс, Дијана, а пред да замине создаде гламурозни креации за голем број холивудски дами. Последниот фустан кој го изработи беше венчаницата на Амал Аламудин, сопругата на актерот Џорџ Клуни.

 

Објавено:
4 ноември 2014
Категорија: 
Актуел