Монохроматски бои и впечатливи настапи на MTV EMA 2013

11 ноември 2013

Вчеравечер салата „Ziggo Dome“ во Амстердам дефинитивно беше местото каде можеше да се слушне најдобрата музика, да се видат најдобрите стајлинзи и да се ужива во неверојатната сцена каде настапија некои од најдобрите светски, музички ѕвезди.

One Direction, Џастин Бибер и Еминем беа меѓу најголемите победници во главниот град на Холандија.

Шармантниот Бруно Марс беше првиот победник на вечерта, кога со неговиот огромен хит Locked Out Of Heaven ја освои наградата за најдобра песна на годината.

Bruno Mars

„Оваа песна навистина ми значи многу и поради тоа се чувствувам многу добро. Тука се и моите најдобри пријатели, па не може да биде подобро. Ви благодарам“, изјави Бруно Марс. Тој имаше еден од најдобрите настапи на вечерта, изведувајќи ја неговата неверојатна нова песна Gorilla.

Еминем се заблагодари на неговата продукциска куќа и на продуцентите на неговиот нов албум The Marshall Mathers LP 2, а дома си замина со награда за најдобар хип – хоп изведувач и она што дефинитивно го заслужи – глобална икона.

Џаред Лето заедно со неговиот неверојатен бенд 30 Seconds to Mars, ја освоија наградата за најдобар алтернативен изведувач.

30 Seconds to Mars

„Ова е навистина неверојатно. Ние треба да свириме на истото ова место за само два дена. Им благодарам на сите сонувачи... Вие овозможивте да се остварат нашите соништа“, изјави првиот човек на бендот.

Кејти Пери имаше навистина интересен сценски настап, но некако не ја воодушеви публиката со нејзиниот глас, иако ја освои наградата за најдобра пејачка. Таа заедно со Мајли Сајрус беше подвижна реклама за францускиот бренд „Шанел“, носејќи парчиња накит од брендот, како и чантичка со која и двете излегоа на сцената.

Katy Perry

„Ова е толку кул. Седев зад сцената и пиев шампањско, гледав во сите тие прекрасни луѓе и си мислев дека нема да победам. Многу сум среќна за тоа што го имам постигнато и мило ми е што моите обожаватели го ценат тоа“, изјави Кејти Пери.

Наградата за најдобар пејач ја освои Џастин Бибер, а на своите обожаватели им се заблагодари преку снимена порака.

Онаа која дефинитивно ја очекувавме да изненади вечерта беше секако, Мајли Сајрус. Како и досега, така и вечравечер таа шокираше со нејзиниот аутфит, кој повторно се состоеше од минимално парче на нејзиното тело во комбинација со високи, впечатливи чизми.

Miley Syrus

Дополнителен шок таа приреди кога ја прими наградата за најдобар видео спот за песната Wrecking Ball, кога на сцената запали џоинт како „почит“ во земјата во која се наоѓа.

Во однос на стајлинзите на вечерта, особено внимание привлече прекрасниот транспарентен, срн фустан од чипка што изгледаше прекрасно на британската пејачка Ели Гулдинг. Нешто поскромна беше Кејти Пери која дури изгледаше и многу постара во свилениот фустан до колена што го одбра за вечерта.

Ellie Goulding

Во долг црн фустан со деколте и изразен шлиц се појави и Рита Ора чија креација многу потсетуваше на онаа со која Ријана се појави пред некоја година на Греми наградите.

Rita Ora

Доста шокантна креација имаше австралијанската раперка Иги Азалеа, чиј фустан дефинитивно не беше создаден за долна облека. Таа заедно со пејачот Робин Тик имаше сосема сличен настап на оној што тој го имаше неодамна со Мајли Сајрус.

 Iggy Azalea

Она што како заклучок можеше да се донесе што се однесува до модата на овогодинешните ЕМА, е тоа дека славните девојки дефинитивно ги обожаваат монохроматските бои. Освен неколку фустани во посветла боја што се издвојуваа вечерта, сите останати не излегуваа од рамката на обожаваните црна и бела боја и комбинации од истите.

Во продолжение погледнете ја галеријата од вчерашните ЕМА награди и кој од светските ѕвезди си замина дома со статуетка.

Најдобар изглед – Хари Стајлс

Најмногу фанови – Токио Хотел

Најдобра песна – Бруно Марс – Locked Out of Heaven

Најдобри нови изведувачи – Macklemore & Ryan Lewis

Најдобар хип – хоп изведувач – Еминем

Најдобар електронски изведувач – Авичи

Најдобри рок изведувачи – Грин Деј

Најдобри поп изведувачи – One Direction

Најдобри алтернативни изведувачи – 30 Seconds to Mars

Најдобра пејачка – Кејти Пери

Најдобар пејач – Џастин Бибер

Најдобар британски и ирски изведувач – One Direction

Глобална икона - Еминем

Објавено:
11 ноември 2013
Категорија: 
Актуел