Наши манекенки зачекорија на италијанска писта во Фиренца

22 април 2014

Престижната високо образовна модна институција „ Академија Италијана“ од Фиренца, секоја година организира ревија  каде се претставуваат тамошните студенти со своите завршни креативни трудови. Дел од манекенките на македонската модна агенција „Црнокрак“ веќе 10-та година по ред се дел од оваа голема ревија, каде на писта се презентираат повеќе од 250 модели од студентите на ова светски познато училиште за мода и дизајн. Сопственикот на модното студио „Црнокрак“, Мики вели дека можат да посведочат за уште еден успешен проект.

 

- Не се работи за обична модна ревија туку за вистински моден перформанс на кој за два часа треба да се претстават преку 250 модели, а за да тоа изгледа како што треба секогаш е задолжен еден од најдобрите светски модни кореографи, господинот Кевин Оукс од Јужноафриканската република, кој со години живее и работи во Франкфурт, Германија и кореограф е на многу големи модни ревии на модни недели ширум целиот свет во текот на целата година. Ревијата се одржа во преполниот „Обихол театар“ во Фиренца, пред повеќе од 3.000 луѓе во публика, а повторно како гости во прв ред имаше и многу познати лица од светската модна сцена. Овој пат најпознат меѓу нив модниот креатор Ренато Балестра.

Мики со италијанскиот дизајнер Ренато Балестра Мики со италијанскиот дизајнер Ренато Балестра

Поминавме прекрасни седум дена во Италија и ова е навистина големо искуство како за нашите манекенки, така и за нас, уште еднаш да бидеме учесници, но и да видиме како се организира еден таков голем моден настан. Директорите на Академијата беа презадоволни од нашите манекенки и најавија дека традицијата ќе продолжи и дека и наредната година манекенки од Македонија повторно ќе учествуваат на оваа голема модна ревија, изјави веднаш по доаѓањето од Фиренца Мики Црнокрак.

Објавено:
22 април 2014
Категорија: 
Актуел